[Рецензија: СЗО ЗА МАКЕДОНИЈА: Нема широка трансмисија на вирусот, Македонија е во фаза 1]
Написот што го рецензираме има проблем со авторството на изјавите.
Линк до оригиналниот напис: СЗО ЗА МАКЕДОНИЈА: Нема широка трансмисија на вирусот, Македонија е во фаза 1
Датум и време на објавување: 17.06.2021
Датум на рецензирање: 22.06.2021
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот што е предмет на нашата рецензија погрешно ги интерпретира изјавите коишто се користат во истиот, односно во насловот сугерира едно, а во текстот станува збор за друго. Имено, насловот на текстот посочува „СЗО ЗА МАКЕДОНИЈА: Нема широка трансмисија на вирусот, Македонија е во фаза 1“. Вака пренесен насловот делува како оваа оценка за Македонија да ја дале токму од Светската здравствена организација (СЗО). Но, доколку го прочитате текстот, ќе видите дека ситуацијата е сосема поинaква.
Во написот имаме изјава од Министерството за здравство, а не од СЗО.
Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги во предвид индикаторите на СЗО за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата се проценува дека Република Северна Македонија е во фаза 1 (регистрирани спорадични случаи), подниво 1, со соодветни капацитети за одговор. Иако периодов епидемиолошкото ширење на вирусот се заменува со спорадични случаи сепак кај нас, се уште има активни случаи, како и нови позитивни случаи. Таквите спорадични случаи може потенцијално да станат јадра или жаришта на кластери. Дополнително и во земјите од регионот има позитивни и активни случаи на Ковид 19. Се додека потенцијално се заканува можен удар од вирусот треба да се придржуваме кон мерките за заштита. СЗО се уште нема прогласено престанок на пандемијата, посочуваат за Фактор од Министерството за здравство.
Значи, оценката дека во Македонија нема широка трансмисија на вирусот и според тоа земјата е во фаза 1, е проценка на Министерството за здравство која се базира на индикаторите на СЗО за проценка на ситуацијата.
Во написот никаде нема изјава од преставник на СЗО во земјава, ниту пак, е посочен линк на веб-сајтот на СЗО каде официјално би стоело дека Светската здравствена организација дала таква оценка за Македонија. Можеби веста би била попривлечна за читателите доколку во насловот се спомне СЗО, наместо нашето Министерство за здравство, но не е новинарски професионално изјавите да се препишуваат на некој друг.
Новинарските правила и принципи на однесување наведени во Кодексот на новинари сугерираат дека новинарот треба точно да го означи изворот на информациите. Во случајов, изворот е Министерството за здравство, а не СЗО како што е наведено во насловот.