[Рецензија: Нов неуспех на Македонија со Заев (на трибините)]
Рецензираме напис којшто во многу нешта отстапува од професионалните новинарски стандарди.
Линк до оригиналниот напис:Нов неуспех на Македонија со Заев (на трибините)
Датум и време на објавување: 21.06.2021
Датум на рецензирање: 22.06.2021
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот што е предмет на нашата рецензија, не може да се нарече новинарски текст, бидејќи тој не информира, туку коментира, а коментарите во него се поврзани со народни верувања и суеверија, што никако не е новинарски професионално.
Во случајов, написот ја уверува јавноста дека премиерот Зоран Заев ѝ донел несреќа на македонската репрезентација на фудбалскиот натпревар со Холандија.
Премиерот Зоран Заев уште еднаш беше сведок „на лице место“ на спортски пораз на Македонија, овојпат од Холандија со 3:0 во Амстердам во последното коло од групата Ц на Европското првенство 2020 во фудбал, се вели на почетокот од текстот.
Понатаму, написот потсетува на кои сè спортски натпревари бил присутен премиерот, а на кои македонските тимови доживеале пораз, нагласувајќи дека Заев „не им се посреќил“.
А каква врска има присуството на Заев на трибини, со поразот на македонската репрезентација? Ама баш никаква. Заев ниту игра во тимот, ниту е тренер, ниту пак, некаков стратег за игра. Заев е гледач во публика како и илјадниците други кои биле присутни дента на трибините.
Фудбалерот Стефан Ристовски, на пример, по мечот со Холандија, оцени дека не се толку искусни како другите.
Ова се големи натпреварувања и бараат перфектни 90 минути. Ние немаме сила да одиграме 90 минути како што треба, но сега не треба да застануваме, туку да одиме напред, рече Ристовски.
Тој никаде не спомна дека Заев е крив што го изгубиле натпреварот!
Ваквото намерно посочување на Заев како „несреќа“, односно баксуз за македонската репрезенатција, е политички мотивирано, со цел да се дискредитира премиерот како личност и да се создаде погрешна перцепција во јавноста, дека фудбалерите загубиле заради Заев. Како Заев да правел некакви вуду магии!
Оваа објава нема врска со новинарство. Ваков текст во никој случај не смее да се пласира како сериозна новинарска вест и истиот не смее да стои во категорија „вести“, во случајов спортска рубрика, туку евентуално би можел да стои во категорија „забава“.
Текстот не информира, туку шири суеверие, а тоа не е задача на новинарството. Новинарот треба да информира за работи од јавен интерес, за нешта кои ја засегаат пошироката јавност и притоа треба да биде објективен, да користи што е можно повеќе извори на информации. Овој текст, за жал, не е таков.