Присуството на Адеми на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ не значи распаѓање на ДУИ

[Рецензија: Се pacпаѓа ли ДУИ? Арбер Адеми забележан на прославата на ВМРО-ДПМНЕ]

Написот што е предмет на оваа рецензија известува дека пратеник од редовите на ДУИ бил на роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ и врз база на тој податок доаѓа до заклучок дека тоа значи дека ДУИ се распаѓа!

Линк до оригиналниот напис: Се pacпаѓа ли ДУИ? Арбер Адеми забележан на прославата на ВМРО-ДПМНЕ

Датум и време на објавување: 16.06.2021

Датум на рецензирање: 19.06.2021

Рецензент: Симона Атанасова

 

Тенденциозно во самиот наслов се поставува прашање базирано на сензационализам кое неосновано поттикнува шпекулации.

Се pacпаѓа ли ДУИ? Арбер Адеми забележан на прославата на ВМРО-ДПМНЕ

Не е јасно како е дојдено до заклучок дека посетата на поранешниот министер за образование и наука и сегашен пратеник од ДУИ, Арбер Адеми на прославата на ВМРО-ДПМНЕ значи распаѓање на неговата партија. Исто така, не е јасно зошто присуството на Адеми треба да значи нешто лошо за неговата партија. Тој ниту присуствувал сам како единствен гостин член на ДУИ, ниту пак, е невообичаено или забрането на прослави на родендени на политички партии, да присуствуваат претставници на други партии без разлика дали се власт или опозиција.

Подолу во текстот се шпекулира дека постојат внатрешни судири помеѓу различни групации на ДУИ. Ова се базира на непроверените информации кои ги пласираа дел од медиумите дека поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити му дал ултиматум на лидерот на ДУИ, Али Ахмети да ги тргне Артан Групи и Бујар Османи. Во меѓувреме Меџити демантираше дека му дал ултиматум на Ахмети.

Базирано на овие шпекулации, авторот заклучува дека можно партијата ДУИ да се распадне. Овој заклучок е донесен без притоа да биде побаран официјален став од портпаролот или претставници на ДУИ за состојбите во партија што е дел од извршната власт. Вака, авторот ја манипулира јавноста со свое видување на ситуацијата, без да им даде можност на претставниците на партијата го потврдат и објаснат ова доколку е точно, или да го негираат доколку е неточно. Со тоа, јавноста ќе била целосно информирана, а не еднострано и сензационалистички како што тоа го прави овој шпекулативен текст.

На крај од написот се вели дека „останува прашањето за причината за неговото присуство на одбележувањето на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ“. Прашањето најверојатно немало да остане неодговорено доколку авторот на текстот се обратил до пратеникот од ДУИ, Адеми да даде одговор зошто бил присутен таму. Доколку, сепак, се обратил, а пратеникот не одговорил тогаш тоа требало јасно да биде потенцирано во текстот.

Написот е целосно шпекулативен, базиран на полуинформации, без извори и повлекувала нелогични паралели за исфорсирано да дојде до заклучок дека ДУИ ќе се распадне. За овие тврдења нема никаква официјална потврда, а преку вака конструираниот и плсиран текст јавноста намерно се доведува во заблуда да донесе погрешен заклучок.