Текст полн со шпекулации и навреди за градоначалникот на Ресен

[Рецензија: ДОКТОР ЖИВАГО ЖИКА ОД РЕСЕН САКАЛ ДА ЈА БОЦНЕ МАРЈАНА, ПА ДА НЕ СЕ ОПРИМЕТИ ГО ЗЕЛ И ГОСПОДИН САРА МЕЈС И ИРЕНА БАБАТА СПАСОВСКА]

Како што се приближуваат локалните избори така се зголемува и пропагандата којашто се води на социјалните мрежи и медиумскиот простор. Локаните избори ќе се одржат наесен во октомври, но иако дотогаш има уште неколку месеци и рано е за официјалната кампања, сепак веќе се тера неофицијална кампања.

Па така, освен на социјалните мрежи каде што партиите се доста активни, а се очекува да бидат уште поактивни пред изборите, почнува да се полни и медиумскиот простор .

Линк до оригиналниот напис: ДОКТОР ЖИВАГО ЖИКА ОД РЕСЕН САКАЛ ДА ЈА БОЦНЕ МАРЈАНА, ПА ДА НЕ СЕ ОПРИМЕТИ ГО ЗЕЛ И ГОСПОДИН САРА МЕЈС И ИРЕНА БАБАТА СПАСОВСКА

Датум и време на објавување: 19.06.2021

Датум на рецензирање: 22.06.2021

Рецензент: Симона Атанасова

Освен набројувања на успесите и остварувањата на дел од градоначалниците, започната е и црна кампања за дискредитирање на оние кандидати за коишто се претпоставува дека повторно ќе се кандидираат.

Еден таков медиумски напис е овој што е предмет на нашата рецензија, чија цел е да го навреди и дискредитира градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.

Текстот е вулгарен, недоличен, полн со навреди и говор на омраза како за градоначалникот, така и за уште неколку женски јавни личности за коишто се инсинуира дека имале „нешто“ со Гошаревски. Притоа, за ова нема никакви докази, нема извор на информацијата и нема ниту една потврда за изнесените заклучоци. Само се нафрлени имиња на лица кои се навредуваат на лична основа.

Во написот се тврди дека градоначалникот трошел пари од Општината за да ги плаќа забавите со овие личности од естрадата. Ова е сериозно обвинување, за кое ако има докази треба да се погрижи Јавното обвинителство. Но,никаде во текстот не можеме да видиме докази, ниту пак, има извор на овие информации. На јавноста не ѝ е понудена никаква дополнителна информација или документ, како потврда дека напишаното е точно. Па така, оваа информација, како впрочем и сè останато во текстот, виси во воздух и може да се окарактеризира како обична шпекулација која освен навреда има потенцијал да биде и клевета.

Текстот има една и единствена цел, да се омаловажи и дискредитира градоначалникот Гошаревски и за тоа не се бираат средства туку се користи најдолниот можен начин. Со напишаното се нанесува штета по угледот не само на градоначалникот туку и на уште неколку други лица спомнати во текстот кои имаат јавна професија. И сето тоа се први тенденциозно врз база на шпекулации, сензационализам и недоличе речник несоодветен за новинарската професија и далеку под професионалните стандарди што треба да се запазат при пренесувањето на информациите.

Притоа се прекршуваат цела низа принципи од Кодексот на новинари:

  • Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно. (член 1)
  • Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити. (член 4)
  • Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…). (член 10)
  • Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија. (член 11)
  • Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. (член 13)
  • Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.
  • Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги. (член 16)