Лажна фотографија злоупотребена за скриена реклама за заработка со биткоини

Фото: Принтскрин

[Рецензија: ОБИЧЕН МАЈСТОР ОД МАКЕДОНИЈА ЗАРАБОТУВА 575 ЕВРА НА ДЕН ПРЕКУ ПРАВНА ДУПКА НА ИНТЕРНЕТ ]

Овој напис, всушност, е скриен пи-ар, односно промоција на сајт за заработка преку биткоини. Во него не се ниту од далеку испочитувани основните новинарски принципи на точно и етичко информирање .

Линк до оригиналниот напис: ОБИЧЕН МАЈСТОР ОД МАКЕДОНИЈА ЗАРАБОТУВА 575 ЕВРА НА ДЕН ПРЕКУ ПРАВНА ДУПКА НА ИНТЕРНЕТ

Нов начин за заработување пари

Датум и време на објавување: 23.06.2021

Датум на рецензирање: 24.06.2021

Рецензент: Мирослава Бурнс

Насловот на текстот што го рецензираме е сензационалистички, кликбејт и има за цел да промовира заработка на необично висок приход за македонски услови. Тој гласи:

Обичен мајстор од Македонија заработува 575 евра на ден преку правна дупка на интернет, нов начин на заработување на пари.

Се тврди дека мајсторот е од Македонија, за да може и читателската публика од Македонија која е во потрага по подобар приход, да си каже: ,,Ако може тој, можам и јас!”.

Во новинарството, сите информации кои се објавуваат треба да бидат точни и проверени. Во членот 1 од Кодексот на новинарите, пишува дека новинарот нема да сокрива клучни факти и да фалсификува документи.

Главниот спорен елемент, освен хиперболизираното рекламирање на неверојатни приходи, се фотографиите. Во текстот се вели дека на нив е претставен извесен 35 годишен Петар Симовски, кој работел како обичен мајстор. Претставена е и фотографија на која се вели дека се наоѓа Симовски додека работел како обичен мајстор поправајќи автомобили. А, сега, според неговото интервју што е објавено во текстот, не морал веќе да работи како мајстор, зашто со пасивен приход од ископување биткоини заработува повеќе од една просечна македонска месечна плата.

Но, дали е така?

Нашата проверка го тврди спротивното. На фотографиите не е претставен Петар Симовски. Фотографијата ја има на руски сајтови кои промовираат предвидувања на спортски обложувалници. Таму Петар Симовски ,,се вика” Рич Васја. На друго место, со истата фотографија со автомобил (за кој што во спорниот текст што го рецензираме се тврди дека е обичниот мајстор Петар Симовски откако го заработил тој автомобил), се промовира спортска аналитика која обезбедува бесплатни спортски предвидувања. Повторно во Русија.

Ако ги разгледате коментарите на оваа страница, ќе забележите дека ова момче претставено како Петар Симовски, зборува руски јазик. Но, уште поверојатно е дека некој ја украл и злоупотребил фотографијата на момчето, па почнал да ја врти на различни сајтови за промоција за различни шеми за заработка како биткоини и спортско обложување. Фотографијата дефинитивно не е на Петар Симовски, обичниот мајстор, како што се тврди во овој текст.

Во него преку измислено сведоштво на еден сиромашен работник кој без никакви вештини успева да вложи малку пари во специјално обучена машина за вештачка интелигенција која тргува со биткоини во негово име.

Понатаму, нереалното рекламирање продолжува со уште еден измислен експерт, Александар Василевски кој тврди дека обучената машина за вештачка интелигенција која тргува со биткоини, го дуплира вашиот капитал секој нреден пат.

Всушност, многу е ризично да тргувате со биткоини. За тие ризици во овој лажен маркетинг нема ниту збор. Има и лажни коментари на наводно задоволни корисници на апликацијата, кои се претставени со македонски имиња, а всушност се ботови.

Криптовалути и ризици

На веб-страницата на Народна банка на Република Северна Македонија пишува нешто што во оваа рекламата не се споменува:

Вложувањето во крипто-средства по правило се смета за високоризично. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од високата променливост на нивната пазарна цена, а што е значително повисока споредено со променливоста на други финансиски и нефинансиски средства, на пример курсевите на суверените валути, приносите на акциите, или, пак, цените на стоките што се предмет на тргување на глобалните пазари (на пример нафтата). Ова значи дека за краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока.

Понатаму од Народната Банка укажуваат дека може да имате реална загуба на парите кои сте ги вложиле, вредноста на вашата дигитална крипто валута да се намали многу брзо, вашите дигитални средства во дигиталниот паричник да вредат многу помалку отколку во реалниот живот.

Кај нас, како и во други земји, прашањето на издавање, вложување и тргување со крипто-средствата не е регулирано, вклучително ниту во Законот за девизно работење (и неговите подзаконски акти) којшто го регулира и работењето со странство.

Поради комплексноста и анонимноста, трансакциите со крипто-средства имаат повисоко ниво на ризик од перење пари и финансирање тероризам.

На следниот линк може да погледнете детално и професионално изведено новинарско истражување на темата криптовалути со повеќе опфатени сегменти, објавено пред 2 недели.

Сè на сè текстот што го рецензираме е манипулација. Ваквиот пи-ар може да биде катастрофален по вашиот џеб, особено ако се идентификувате со лажниот обичен мајстор од Македонија, кој сега наводно заработува над 500 евра дневно. Искористени се фотографии од личност од Русија кои се претставени како да се од момче од Македонија. Претставен е само поволниот аспект од тргувањето со криптовалути, а не и ризиците кои се многубројни и на кои предупредува Народната Банка. Шемата за брзо богатење е базирана на лажен маркетинг кој божем изигрува новинарски производ. Изворот на информации е лажно претставен и прикриени се информациите за ризиците од тргувањето со криптовалути.