Филипче не најави дека се воведуваат построги рестрикции поради британскиот сој на коронавирусот

Министерот за здравство воопшто не изјави дека се воведуваат нови рестрикции поради британскиот сој, како што се тврди во објавата на Фејсбук. Филипче во изјавата за ТВ 24 јасно и децидно кажува: „засега нема потреба од воведување нови рестрикции, но будно ја следиме состојбата“

 

Рецензираме напис, споделен како пост на Фејсбук кој ја дезинформира јавноста дека ќе се воведат построги рестрикции и мерки поради британскиот сој на коронавирусот. Ваквата најава, според постот, доаѓа директно од министерот за здравство, Венко Филипче. Манипулативниот наслов пренесен во објавата гласи: „Попусто се навикнавме на „лабави“ мерки – следуваат нови рестрикции, најави Венко Филипче, поради британскиот сој“ и според коментарите под објавата, очигледно е дека обидот за манипулација на граѓаните е успешен.

Но, кога ќе го отворите написот, ќе сфатите дека насловот со текстот нема никаква врска. Насловот информира, текстот демантира.

Ако се зголеми бројот на инфицирани лица со новиот британски сој на ковид-19, постои можност да воведеме нови засилени рестриктивни мерки, рече министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за ТВ24.Тој додаде дека засега нема потреба од нешто такво, но дека будно се следи ширењето на британската мутација, се наведува на почетокот од написот.

Подолу се пренесува и изјавата на Филипче:

Лично разговарав со претставници од Амбасадата на Велика Британија во земјава и сериозно ја следиме состојбата. Засега постојат две опции. Едната опција е бранот да се должи на мутацијата на вирусот, а тоа значи дека ќе треба да воведеме дополнителни рестриктивни мерки доколку забележиме дека бројот на заразени се зголемува. Втората опција е доколку станува збор за природен тек на епидемијата не само како резултат на мутацијата на вирусот. Засега нема потреба од воведување нови рестрикции, но будно ја следиме состојбата – рече Филипче.

Значи, Филипче никаде не најави дека се воведуваат нови рестрикции поради британскиот сој, како што тврди насловот. Министерот за здравство јасно и децидно кажува дека засега нема потреба од воведување нови рестрикции, но будно ја следиме состојбата“.

Оттука можеме да извлечеме заклучок дека постот што го рецензираме пренесува манипулативен и лажен наслов. Со ваквите наслови со кои се шират лажни информации, јавноста се доведува во забуна и може да предизвика непотребна паника кај луѓето.