Со дигитално изменета фотографија се инсинуира дека Мишел Обама е маж

Објава на Фејсбук шири фотошопирана фотогрфија, за да ја манипулира јавноста и да инсинуира конспирациска теорија за полот на Мишел Обама. Оригиналната фотографија ја објавил на Твитер поранешниот претседател на САД, Барак Обама, за нејзиниот  педесет и петтти роденден. И сервисот за проверка на факти на Ројтерс, исто така, го има побиено тврдењето дека Мишел Обама е маж

 

Во пост на Фејсбук до кој има придружна фотографија, се тврди дека претседателот на САД, Џо Бајден е клон, притоа иронично се додава дека ,,тој е претседател на САД, колку што Мишел Обама е жена”. Но, фотографијата која треба ова да го презентира, всушност, е груба фотомонтажа, а тврдењето дека Мишел Обама, сопругата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, не е жена е обична измислица.

Не е првпат Мишел Обама во манипулативни постови да биде лажно да претсtвувана дека, наводно, не е жена. Ваквите небулози речиси секогаш потекнуваат од кругови кои се склони кон конспирациски теории, а со цел во лагата да уверат што поголем број луѓе, користат алатки за изменување на фотографиите, ги фотошопираат фотографиите, доведувајќи ги лековерните во ситуација да се сомневаат дури и во очигледни факти.

Лани се прошири и надградена верзија на овие лажни тврдења во којашто се тврдеше дека, всушност, Мишел Обама, била родена со името Мајкл Лаван Робинсон и всушност била – маж. Лажните вести на интернет поврзани со Мишел Обама, особено се размножија откако таа отворено почна да му изразува поддршка на Џо Бајден во неговата претседателска трка против Доналд Трамп, која заврши со негова победа.

На 44 секунда од ова видео, кое, всушност, е промотивна најава за книгата на Мишел Обама ,,Бикаминг”, а кое е објавено на Јутјуб страницата на американскиот „Еј Би Си“ на 12 ноември 2018 година, се гледа црно бела верзија од фотографијата што е злоупотребена во постот што го рецензираме, фалсификувана, односно чија содржина е изменета.

Пред фотографијата да се појави на „Еј Би Си“, во нивната емисија каде самата Мишел Обама зборува за нејзиниот брак со поранешниот претседател, за предизвиците и тоа како се запознале, таа беше објавена од самиот Барак Обама на Твитер. На денот на педесет и петттиот роденден на Мишел Обама, нејзиниот сопруг на Твитер ја објави фотографијата заедно со роденденска честитка:

Знаев тогаш, а сега сум уверен дека ти си единствена и посебна. Среќен роденден Мишел Обама!

Оваа фотографијата во постот што го рецензираме е изменета. Па за да и се даде на Мишел Обама помажествен изглед очигледно е дека нејзиниот врат е задебелен, исто како и пределот на брадата.

И сервисот за проверка на факти на Ројтерс, исто така, го има побиено тврдењето дека Мишел Обама е маж.

Оттука, оваа фотографија ја оценуваме како лажна. Таа е дигитално изменета, за да ја манипулира јавноста со лаги и да се инсинуира конспирациска теорија за полот на Мишел Обама.

Да споменеме и тоа дека наспроти иронизирањето од страна на авторот на постот, и Џо Бајден е претседател на САД, 46-ти по ред, со инаугурација од 20 јануари 2021 година.