(Првиот дел од написот можете да го најдете овде.)
Добар дел од текстовите на „Доказ.мк“ не само што дезинформираат, туку имаат и непристојна терминологија, омаловажуваат јавни личности, се служат со сексизам… Ваквите објави се вистинска слика за тоа што сè може да се претстави и протурка како новинарство.
Пишува: Мирослава Бурнс
Неретко на овој портал се објавуваат сексистички, манипулативни наслови, кои омаловажуваат јавни личности само затоа што се жени. Пример за тоа е написот насловен: „Палевски: Анахрона елита или како ја пер**шев Оливера” (објавен на втори февруари 2020 година), во кој новинарката Оливера Трајковска е изложена на неосновани и навредливи коментари, тешки за процесирање. Целосно се презема фејсбук-статус од Љупчо Палевски, на него се лепи фотографија од Трајковска и тоа се пласира како медиумски производ кој добил дури 18.000 клика.
Во текстот, пак, „Министерството за култура нема пари да го награди тимот на Медена земја, не планира да им додели ниту државна награда”, почетокот или лидот е фрапантен:
Во гнасните усти да не ја ставите повеќе!!! А за сликање први бевте… Гнаси! Не било законски, а гледам законски е амебите и паразитите што зимаат плати, а седат дома.
По овој коментаторски дел, кој не се атрибуира на ниту еден извор, а текстот не е ни потпишан (како и повеќето написи), се продолжува во еден информативен наратив. Во него не постои новинарска известувачка дистанца, се користат навреди и сево ова, едноставно, е многу невкусно, непрофесионално и аматерски изведено.
Во текстот објавен на 31 јануари 2020 година, со наслов: „Релакс водата со канабис на рафтовите, Горска тврди дека нема забрана кој смее да не забрани кога газдата е прв сдсмовец во Кавадарци”, се алудира на наводна политичка определба на сопственикот на компанијата, притоа, уфрлувајќи ја таа иста наводна политичка определба како став што е дел од официјално соопштение. Делот: „кој смее да не забрани кога газдата е прв сдсмовец во Кавадарци”, го нема никаде во официјалното соопштение од компанијата „Горска“ за чиј производ се однесува текстот.
Од наведените текстови може да се заклучи дека непотпишаните автори се пристрасни, користат вулгарности, сексизам, тактики за манипулација, во насловите подметнуваат непостојни факти со цел собирање на што повеќе кликови. А, слоганот на веб-порталот, ианку, е „Во доказот е вистината”, што делува иронично.
Ваквите написи не само што дезинформираат, туку имаат непристојна терминологија и омаловажуваат јавни личности. Овие објави се вистинска слика за тоа што сè може да се претстави и протурка како новинарство.
(крај)