Фотографијата со бебето, која се споделува на Фејсбук, е снимена во 2012 година. Бебето е од САД и не боледува од канцер, туку од ретка блосет која што ја имаат само уште 14 други лица во светот
Со фотографија стара осум години, лажно се тврди дека детето кое е претставено на неа има рак и се бараат молитви на Фејсбук за неговото здравје. Оваа објава на Фејсбук датира од март, но сега е повторно актуелизирана и е исклучително вирална – има 25 илјади интеракции и коментари, како и 108 илјади споделувања. Во комбинација со фотографијата оди следната порака:
Не ме игнорирајте. Ве молам !Оваа дете има рак. Молете се за неговото здравје.Дај боже што побрзо да оздраве!Не игнорирајте без да ја споделите сликата и да кажете АМИН!
Всушност, станува збор за дете кое е од САД, а за кого американската телевизија ABC News известувала во 2012 година.
Тогаш, всушност, за првпат е објавена оваа фотографија. Бебето претставено на фотографијата сега е момченце, кое што не боледува од канцер, туку од ретка болест која што ја имаат само уште 14 други лица во светот.
Како што пишува медиумот во 2012 година, болеста предизвикала дишењето на Касен да биде отежнато и неговите крвни садови, кожа и мускули да се вкочануваат. За неговиот третман во Белгија кој чинел стотици илјади долари, семејството собирало донации и ги обезбедило иницијално.
Детето сè уште се лекува, бидејќи терапијата што му е потребна е постојана – трајна. Во 2019 година е објавен апел за собирање нови финансии за тековните медицински трошоци на Касен, на кој што се прикажани негови фотографии на кои е веќе пораснат.
Оттука, ширењето на фотографијата во македонски услови, 8 години подоцна е бесмислено. Исто така, погрешно е претставена и дијагнозата. Иако, постот, за среќа нема намера да дезинформира на начин кој што би бил исклучително штетен за нечие здравје, но во секој случај е невистинит поради временската рамка на неговата објава, поради контекстот на неговата објава и поради тоа што некритички, без проверка, само е копи-пејстиран од различни други балкански Фејсбук групи, во кои е споделен со истиот текст.
Инаку, многу луѓе во светот се ангажирале да му помогнат на ова момче да продолжи со лекувањето. За таа цел отворени се голем број информативни канали на социјалните мрежи преку кои семејството редовно информира за неговата здравствена состојба.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.