На крајот на септември, фотографија објавена на официјалниот твитер-профил на градоначалникот на Лондон, Садик Кан, поттикна лавина коментари на социјалните мрежи во Англија дека градоначалникот не се вакцинирал вистински. По овие реакции, портпаролот на градоначалникот појаснил дека фотографијата е направена пред самата вакцинација. Тим на проверувачи на факти Full fact ја проверил оваа информација и заклучил дека фотографијата е направена за време на подготовката на градоначалникот да ја прими вакцината
Фотографија на која е прикажано како градоначалникот на Лондон, Садик Кан, се подготвува да прими вакцина против грип стана вирална на социјалните мрежи, при што се тврди оти тој ја манипулира јавноста дека навистина се вакцинирал.
На сликата гледате како Градоначалникот на Лондон – Sadiq Aman Khan, се вакцинира пред камера – со неизвадено капаче од иглата и преку белата кошула.
Оваа објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ за два дена има речиси 400 интеракции (споделувања, коментари и реакции).
Фотографијата првпат е објавена на 28 септември на официјалниот твитер-профил на градоначалникот Садик Кан со информација дека се наближува сезоната на грипот и оти вакцините се бесплатни за оние што ги исполнуваат условите.
На фотографијата се гледа градоначалникот со завиткани ракави и фармацевт, кој го држи шприцот со вакцината, а на иглата има капаче. Ова на крајот на септември поттикна лавина коментари на социјалните мрежи во Велика Британија дека градоначалникот не се вакцинирал вистински.
По овие реакции, со дообјаснување излезе портпаролот на градоначалникот, кој, пак, рече дека фотографијата е направена пред самата вакцинација.
Градоначалникот во понеделникот ја прими вакцината против грип кај локален фармацевт. Оваа фотографија е направена непосредно пред да се даде инјекцијата, па затоа капачето е сè уште на иглата. Важно е секој што ги исполнува условите да се вакцинира, бидејќи тоа е најдобриот начин да помогнете да се заштитите од грип.
Тим на проверувачи на факти Full fact ја проверил оваа информација и заклучил дека фотографијата е направена за време на подготовката на градоначалникот да ја прими вакцината. Овој заклучок е донесен затоа што ракавот на кошулата на градоначалникот е завиткан, но сепак не до горниот мускул на раката, кое е соодветното место за инјектирање на овој тип вакцина. Капачето на иглата е таму, бидејќи сликата е направена пред фармацевтот да ја изврши вакцинацијата.
По речиси три месеци, оваа фотографија стана вирална во Македонија, баш во периодот кога во неколку земји, меѓу кои и Велика Британија, почна вакцинацијата против коронавирусот.
Во дел од коментарите се спомнува и ситуацијата од пред речиси две години, кога погрешно беше протолкувано дека министерот за здравство, Венко Филипче, ја вакцинира внуката со „капаче“.
Но, како што тогаш објави „Критинк“, не стануваше збор за капаче, туку за адаптер, кој овозможува иглата да се закачи за шприцот со кој на детето му се дава вакцината. При вакцинација на бебиња се користи мала игла поради што таа не се гледа на сликата, туку се гледа адаптерот, за кој e погрешно констатирано дека е капаче.
ПР-тимовите на политичарите кои решиле да се вакцинираат јавно, треба да бидат особено внимателни да не ја донесат во заблуда пошироката јавност и да објавуваат што е можно појасни и конкретни фотографии и снимки од самиот момент на вакцинација, а не од процесот на подготовка што после тоа доведува до шпекулациите и ги подгрева антиваксерските движења.
Објавувања и споделувања на вакви извадени од контекст информации, прават голема штета, особено кога веќе неколку вакцини се одобрени и населението треба да се вакцинира за да се створи имунитет од корона-вирусот, кој веќе однесе 1.6 милион човечки животи низ светот.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.