Објава на „Фејсбук“ со конспирациски тон тврди дека со вакцинацијата против ковид-19, всушност, граѓаните ќе се чипираат и ќе станат „робови“ на „глобалистичката сатанистичка елита“. Но, притоа не се кажува која е оваа елита, како ќе ги направи граѓаните робови… Без никакви аргументи, факти и докази се посочува дека „ковид е игра“. А, дека ковид-19 не е игра, туку опасна болест која одзема животи, покажуваат секојдневните статистики на заразени и починати
Вo пост на „Фејсбук“ лажно се тврди дека со вакцинирањето против ковид-19, всушност, ќе нè чипираат, односно дека ќе внесеме чипови внатре во телото. Дополнително манипулативно се додава дека, наводно, секаде во светот граѓаните на другите земји го дигнале гласот, штрајкуваат и се бунтуваат, иако ова не е точно.
Не е експлицитно наведено, но од контекстот треба да се сфати дека наводните многубројни штрајкови и подигнувања на гласот се поради вакцинацијата, што претставува класична манипулација.
Точно е дека протести против вакцинирањето имало, но во Јужна Африка, во Бразил, при што незначителен број луѓе излегле на улиците. На пример, во Бразил на протестот против вакцините се појавиле само 300 луѓе. На протестите во Германија, пак, неколку илјади граѓани се собрале, но не за да го изразат незадоволството против вакцинирањето, туку незадоволството од тоа што се воведуваат рестриктивни мерки за движење, односно „локдаун“ во земјата.
Вакцината против ковид-19, инаку, веќе почна да се администрира во некои држави, меѓу кои и Велика Британија, без никакви последици за јавното здравје.
Непрецизно, со тон на конспирациска теорија, се додава и дека со вакцинацијата, всушност, граѓаните ќе станат „робови“ на „глобалистичката сатанистичка елита“, без притоа да се каже која е оваа елита, како ќе ги направи граѓаните робови и како сево ова е поврзано со пандемијата со ковид-19. Значи, искористена е манипулативна техника на неаргументирано тврдење, пуштање пробен балон и без да се поткрепи со никакви аргументи, факти и докази се посочува дека „ковид е игра“.
Но, дека ковид-19 не е игра, туку опасна болест која одзема животи, покажуваат секојдневните статистики на заразени и починати, како и за последиците што вирусот ги остава врз здравјето на оние што успеале да се ослободат од него. Светската здравствена организација (СЗО) појасни дека иако не е познат изворот на корона-вирусот, сепак, сите докази сугерираат оти е од природно животинско потекло, а не дека е конструиран вирус. Научниците не успеале да најдат докази или показатели оти Сарс-Ков 2 е лабораториски конструкт.
Лажно е и апсолутно контрадикторно тврдењето дека „ковид е игра“, со којашто некој „планира да ја смали популацијата на Земјината топка и да завладее со тие кои ќе останат живи, како со робови“. Па, така, од една страна се тврди дека „ковид е игра“ за да се намали популацијата на Земјината топка, а од друга страна се заговара против вакцинацијата, која, пак, има зацел да ја прекине пандемијата – слично како и со другите заразните болести во историјата на светот. Ова делува нелогично, двете работи не одат со друга.
Конспирациската теорија дека светски елити стојат зад пандемијата е побиена со секој еден нов случај на позната јавна личност заразена со вирусот. Болеста не одбира возраст, пол, статус, раса или друга карактеристика! Еден пример е принцот Чарлс, кој беше заразен со ковид-19 и чие богатство тежи 400 милиони долари. И британскиот премиер Борис Џонсон беше заразен со корона-вирусот. Како и американскиот претседател Доналд Трамп.
На овој линк на „Форбс“ може да прочитате како голем дел од богатите во светот реагираа и донираа за пандемијата, било да се работи за заштитна опрема или за развој на вакцини.
Бил Гејтс уште пред неколку месеци ги негира теориите на заговор кои кружат, а се поврзани со фактот дека милијардерот сака да користи вакцини против вирусот ковид-19, со цел да инсталира уреди во нив за следење на луѓето, односно чипови.
Гејтс, чија фондација донира милиони за истражување од областа на вакцините против ковид-19 и третман против корона-вирусот, се обрати пред јавноста да го побие мислењето на дури 28 проценти од анкетираната американска популација, кои веруваат дека идејата на Гејтс е да следи милијарди луѓе ширум светот преку микрочипови.
Мора да ја кажеме вистината, оваа параноја мора да запре – рече кратко тој, а пренесе Си-Ен-Би-Си.
За жал, наспроти тоа што го говорат фактите, овој пост е прилично вирален на „Фејсбук“ и во моментот кога е пишувана рецензијата има над 300 интеракции (реакции, коментари и споделувања).
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.