Фотографијата од мајката птица што изгоре е од Иран, а не од Пехчево

Фотографијата што се споделува во оваа објава на „Фејсбук“ е вистинита и веродостојна, но таа не е снимена во Пехчево. Таа е стара повеќе од една година и честопати е пренесувана во контекст на пожари што се случувале во различни земји, ама оригинално е фотографирана во Иран, во средината на 2020 година 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ проследен со трогателна фотографија од изгорена птица до која има неколку јајца.

Мајка е мајка, без разлика од кој вид е. Можела да одлета и да се спаси, но останала. Пехчево, пишува во описот на фотографијата.

Концептот дека граѓаните повеќе се заинтересирани и повеќе се вознемируваат од случувањата што се дел од територијата, односно земјата во која живеат, отколку од тие што се случуваат географски далеку од нив, предизвика оваа фотографија да биде споделувана на повеќе платформи, меѓу кои и „Твитер“ и да има значителен број  реакции и допаѓања. Така, постот што го рецензираме има 60 допаѓања и 7 споделувања.

Но, нашата проверка на факти покажа дека фотографијата не е од Пехчево, каде што деновиве имаше пожар. Фотографијата претходно ја има споделено на „Твитер“ Хамид Мир, новинар од Пакистан, кој пишува за „Гардијан“. Споделувањето на фотографијата од неговиот твитер-профил се случува на 29 мај годинава, повеќе од два месеца пред да избувнат пожарите ширум Македонија.

Не било тешко за оваа мајка птица да одлета и да си го спаси животот од пожарот во Маргала шумите на Исламабад, но таа никогаш не го стори тоа затоа што имаше живот во овие јајца. Таа сакаше да го заштити животот на своите чеда и за ова го даде својот живот, напиша новинарот.

Оттука, забележуваме дека истиот наратив на Хамид Мир е споделен и во македонскиот пост, само што тој е прилагоден за македонски услови, односно напишано е дека случката опишана на трогателната фотографија е од Пехчево.

Нашето понатамошно проверување на изворот на фотографијата, пак, нѐ наведе на заклучокот дека ниту Хамид Мир не е нејзин автор и ниту Пакистан не е местото каде што се случил наводниот пожар.

Според пакистанските проверувачи на факти, сликата е од Техеран, Иран. Тие на „Твитер“, како што може да се види подолу, ја објавија целосната фотографија, а не само делот од птицата и јајцата што е споделуван во Македонија.

Истата фотографија ја објави и новинската агенција „Мер“ во овој видеоизвештај од 25 јули 2020 и наведе дека е од Иран.

Прилогот е на персиски јазик и во него се кажува дека птицата изгорела до смрт додека се трудела да си ги заштити јајцата во иранскиот град Лавасан.

И други ирански медиуми ја имаат објавено во истиот контекст фотографијата, која потекнува од Иран.

Оттука, во постот што го рецензираме намерно или не се пропушта контекстот. Иако фотографијата е вистинита и веродостојна, таа не е снимена во Пехчево. Таа е стара повеќе од една година и честопати е пренесувана во контекст на пожари што се случувале во различни земји, но оригинално е фотографирана во Иран, во средината на 2020 година. 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.