Шеикот на Дубаи не рекол дека дедо му јавал камила, тој вози „мерцедес“, а правнукот повторно ќе јава камила

Шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум никогаш не изјави вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја

 

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во којшто се тврди дека основачот на Дубаи, шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум, бил запрашан како ја гледа иднината на својата земја, а тој одговорил:

Мојот дедо јавал камила, татко ми, исто така, јас возам мерцедес, мојот син Ленд Ровер, мојот внук, исто така, ќе се вози во Ленд Ровер, и мојот правнук, најверојатно, ќе јава камила повторно…

Според постот, слушателите вџашени, го прашале зошто, а шеикот одговорил:
Постојат принципи што секогаш и сѐ поставуваат на свое место. Еве за што се работи: Тешките времиња создаваат јаки мажи, јаките мажи ствараат добри времиња, добрите времиња создаваат слаби мажи, слабите мажи создаваат тешки времиња. Многумина ова нема да го разберат, но просперитетот на нашата земја произведува паразити, а не воини.
Што е проблемот со овој статус? Тоа што шеикот Мухамед бин Рашид ал Мактум никогаш не изјавил вакво нешто, иако погрешно атрибуираната наводна изјава е широко распространета во светски рамки, кај голем број корисници на социјалните мрежи во различни говорни подрачја.
Во некои од тие фејсбук-постови споделени илјадници пати се тврди дека шеикот оваа изјава ја дал во интервју за британскиот сервис „Би-би-си“ во 2014 година.

Билионерот, шеикот Мухамед, е познат по својата вклученост во глобалната индустрија со тркање со коњи и е сопственик на еден од најголемите тимови „Годолфин“.

Наводната изјава на шеикот циркулира на „Фејсбук“ од Јапонија до Бангладеш.

Но, во секој случај, станува збор за лажна атрибуција. Шеикот Мухамед не дал коментари дека неговиот иден внук ќе биде на камила, во интервју за „Би-би-си“.

Во тоа интервју, кое може да го погледнете на следниот линк, во 3 минута и 36 секунда се гледа дека прашањата се во опсегот на човековите права во Дубаи, скандал со тренерите на коњи на шеикот и финансиското закрепнување на Дубаи по должничката криза.

Кога е прашан за неговата визија за иднината на Дубаи, одговорот на шеикот не е воопшто таков како што се тврди во постот што го рецензираме. На 3 минута и 36 секунда во горепосоченото видео се гледа дека тој вели оти сака Дубаи да биде број еден.

Но, ако сме живи за 20 години, не можам да видам што би возеле. Мојата визија за Дубаи е да биде број еден и најсреќната нација. Сето тоа. Знаете дека сакаме да сме први, вели тој.

Инаку, сличен цитат на „тешките времиња креираат силни мажи, силните мажи креираат лесни времиња“ може да се најде во новелата на Г. Михаел Хопф, „Оние што остануваат”. Цитатот од книгата гласи „Тешките времиња создаваат силни мажи, силните мажи создаваат добри времиња, добрите времиња создаваат слаби мажи и слабите мажи создаваат тешки времиња”.

Сличен цитат на „Татко ми беше на камила, јас во ‘мерцедес’, син ми во ‘лендровер'” претходно му е атрибуирана на таткото на шеикот Мухамед, Рашид бин Саед ал Мактум.

Поради горенаведените факти, оценуваме дека постот е невистинит.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.