Постот дезинформира дека ковид-вакцините ќе доведат до нова варијанта што ќе убие 35 проценти од луѓето

Во документот линкуван во постот се изнесени четири хипотетички сценарија за иднината на пандемијата со корона-вирусот кои се однесуваат на самиот вирус. Во првото сценарио се споменува бројката  што се посочува во постот, но пишува дека ова хипотетичко сценарио би се случило како резултат на нова мутација на корона-вирусот, а не на вакцината, како што лажно се тврди во оваа објава на „Фејсбук“

 

Рецензираме пост на „Фејсбук“ во кој се тврди дека Комисијата за заразни болести на Велика Британија до владата на земјата испратила документ во којшто, наводно, се „признава“ дека ковид-вакцините би довеле до нова варијанта, која би убила до 35 проценти од луѓето, бидејќи вакцините не превенираат зараза од вирусот и негово пренесување.

Како поткрепа за ваквото тврдење, поставен е линк што води до статија која, пак, се повикува на следниот документ. 

Токму овој документ, според напишаното во постот, покажува дека ковид-вакцините би довеле до нова варијанта на корона-вирусот, која би убила до 35 проценти од луѓето, бидејќи не го превенираат заразувањето со ковид и преносот на трети лица од страна на вакцинираниот.

„Вистиномер“ детаљно го разгледа овој документ и заклучи дека изнесеното во постот е дезинформација.

Во документот се изнесени четири хипотетички сценарија за иднината на пандемијата со корона-вирусот, кои се однесуваат на самиот вирус. Во првото сценарио што е образложено се споменува бројката што се посочува во пост, поради што заклучуваме дека објавата се однесува токму на ова сценарио. Но, во документот пишува дека ова сценарио (хипотетичко и неостварено) би се случило како резултат на нова мутација на корон-авирусот, а не на вакцината, како што лажно се презентира во постот.

Во текстот од документот се вели:

Прво сценарио би било варијанта што предизвикува сериозна болест кај поголем дел од популацијата отколку досега, на пример со слична стапка на смртност за други корона-вируси како што се Сарс Ков (приближно 10 проценти стапка на смртност) или Мерс Ков (приближно 35 проценти стапка на смртност). Ова може да биде предизвикано од мутации или рекомбинации со други вирални гени. Ова може да се случи со промена во внатрешните гени на Сарс Ков 2 како полимеразните протеини. Овие гени го одредуваат исходот од инфекцијата на начин што влијаат на тоа како вирусот е процесиран во клетката, брзината со која вирусот се реплицира и антивиралниот одговор на клетката на инфекцијата. Постои преседан кај корона-вирусите да обезбедат дополнителни гени или секвенци од домаќинот, од нив самите или од други вируси. Втората причина поради која ова сценарио може да се случи е рекомбинација меѓу бета и алфа или делта- варијантите.

Има и дел од документот што се однесува на решенијата за да се избегне ова сценарио, односно како да се одговори на ова сценарио.

Во тој дел (страница 2 од документот) се вели дека она што може да се направи за да се избегне ова сценарио е да се даде бустер-доза од вакцината за да се обезбеди заштита против сериозна болест, да се редуцира ризикот од трансмисија на Сарс Ков 2 во Велика Британија, да се минимизира ризикот да се внесат нови варијанти од други територии, да се продолжи со развојот на терапевтски лекови против Сарс Ков 2.

Се забележува дека воопшто не се споменува оти вакцината би ја предизвикала таа нова варијанта, како што лажно се тврди во постот.

Според второто изложено сценарио, во иднина би можело да се појави варијанта на корона-вирусот којашто ќе биде отпорна на вакцината што е во употреба сега. Ова може да биде предизвикано од антигенска промена, односно да се создаде вирус што ќе биде способен за високо ниво на репликација во човековите клетки. Последицата би била вирус што предизвикува болест слична на Сарс Ков 2 кога тој првпат се појави, но против кој сегашните вакцини не би биле функционални. Во делот за решенија, односно препораки за тоа што би можело да се направи во ваков случај, пишува дека би требало да се развие слична вакцина.

Поради оваа изложена аргументација, односно откако го прочитавме целосно документот што е линкуван во постот што го рецензираме, ги оценуваме како невистинити тврдењата  дека „ковид-вакцините би довеле до нова варијанта, која би убила и до 35 проценти од луѓето, бидејќи вакцината не служи за превенција на вирусот“.

Тој дел е погрешно интерпретиран, иако самиот документ е многу јасен и тешко се прават грешки во неговата интерпретација, особено во поглед на фактите дека станува збор за хипотетички сценарија, кои не се остварени во реалноста и тоа е експлицитно и децидно наведено.

 

 

 Oнлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.