На фотографијата што се споделува на „Фејсбук“ не се наоѓа никаков невидлив автомобил, туку има рефлексија на сончеви зраци, односно „огледало ефект“, кој се појавува под одреден агол и може да се забележи кај секој понов автомобил што има „тазе“ лак. Оваа фотографија е само мамка за собирање кликови без новинарска или информативна содржина
Рецензираме текст со фејсбук-пост, кој е фактички неточен и манипулативен, односно во него се прави обид да се создаде сензација од најобична фотографија преку игра со сетилата на оној што ја гледа таа фотографија. На фотографијата е претставен страничен дел од автомобил, заедно со отсјајот од улицата, кој поради сончевите зраци се рефлектира и создава оптичка илузија.
За насловот на текстот, очигледно е дека е искористена „кликбејт“ техника. Тоа е наслов дизајниран за да привлече внимание и да ги заведе корисниците на интернет просторот да го кликнат, да го прочитаат, да го погледнат линкуваното парче од онлајн-содржина, која што, инаку, е манипулативна, сензационалистичка или наведува на погрешен заклучок. Во насловот има доволно елементи да го заинтригираат читателот, но не и доволно информации за да ја задоволат неговата љубопитност ако не кликне на содржината. „Кликбејт“ насловите имаат во себе елемент на неискреност, содржат „скокотливи и примамливи” наводи, за кои откако ќе се погледне содржината, станува јасно дека не кореспондираат на содржината.
„Кликбејт“ е термин изведен од риболовот, (bait/мамка), аналогија со риболовот каде што јадицата им се презентира на рибите како нешто пожелно да го загризат. Уште пред постоењето на интернетот, бескрупулозна маркетинг-практика, позната како bait and switch, се служеше со истите неискрени методи да ги зароби потрошувачите. „Кликбејт“ е форма на измама, но поинаква од дезинформирањето, коешто користи поизразена форма на неискреност и дискрепанца меѓу тоа што е презентирано во насловот, споредено со тоа што го има внатре кога ќе се отвори текстот. За да ги исполни условите да биде „кликбејт“, насловот мора да води кон содржина што не кореспондира со него.
Така е и во случајот со насловот на текстот што го рецензираме. Во него се вели:
Слика од невидлив автомобил кружи на интернетот, некои го споредуваат со предатор, додека други не можат да им веруваат на своите очи!
Кога ќе се влезе во содржината на текстот се гледа оваа фотографија:
Ништо „предаторско“ или „неверојатно за очите“, ниту, пак, вредно за објавување нема во оваа фотографија. Медиумите кога објавуваат вести и информации, тоа треба да го прават според критериумите на тоа што е news worthy, односно што е вредно за објавување. Не секоја информација е вест, иако секоја вест е информација. Евидентно е дека се прави хиперболизација на карактеристиките на оваа фотографија, па автомобилот се претставува како „невидлив“. Станува збор за страничен дел од добро измиен автомобил, во којшто сончевите зраци се рефлектираат на начин што се гледа делот од улицата од левата страна.
На фотографијата не се наоѓа никаков невидлив автомобил, туку има рефлексија на сончеви зраци, односно „огледало ефект“, кој се појавува под одреден агол и може да се забележи кај секој понов автомобил што има „тазе“ лак, односно кај кој сончевите зраци уште не го избледеле лакот.
Оттука, фотографијата за невидливиот автомобил е само мамка за собирање кликови без новинарска или информативна содржина. А информацијата дека на сликата е претставен невидлив автомобил како што тоа го тврди насловот на текстот, ја оценувме како невистинита.
Откако читателот ќе кликне на ваков текст, кај него несомнено се појавува чувството дека загубил дел од своето време на комплетно бескорисна содржина.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.