Темата за вметнување чипови во телата на лица кои ќе се вакцинираат нашироко се злоупотребува од антиваксерските, но и од верски кругови, како што може да се види од овој пост. Никакви чипови ниту има ниту може да има во вакцините. Тоа го тврдат редица имунолози и други доктори, како и професори на медицински науки. Истото го тврдат и официјални државни и јавни институции од различни видови ширум светот. И конечно, составот на сите вакцини е познат и јавен и тие поминуваат ригорозни тестирања пред да влезат во широка употреба
Во пост на „Фејсбук“ се повикуваат граѓаните да не се вакцинираат, затоа што вакцините, како што наведува авторот, содржат чип. Во него се вели:
Ве чиповаат не се вакцинирајте. За некоја година доаѓаат дроновите и тогаш ќе разберете зошто ве чиповаат. ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!!! Со љубов ваш брат Македонец во Христа
Но, дали е вистина дека вакцината содржи чип и оти со имунизацијата граѓаните се чипуваат?
Ниту една од вакцините против ковид 19 кои се во развој не содржат софтвер или микрочип. Тие не можат да се користат за луѓето ДА Бидат следени, пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство на Австралија.
Од 18 секунда на следното видео повеќе лекари одговараат на прашањето дали вакцината против ковид-19 содржи микрочип.
Јавно се достапни сите компоненти на вакцините како дел од постапката за одобрението што треба да го добијат од Агенцијата за храна и лекови на САД, така што компаниите не може да изненадуваат со тоа што содржат нивните вакцини, вели доктор Џош Леско во видеото (18 секунда од видеото).
Од 37 секунда во видеото, друг експерт исто така посочува дека чипови во вакцините нема.
Покрај тоа што вакцините се создадени од луѓе кои се во партнерства со академски институции, научници што го посветиле животот на помагање на луѓето и немаат друг интерес освен тој, исто така има надворешни тела, кои проверуваат што има во вакцините. Во нив членуваат луѓе од заедницата, луѓе што не работат во компаниите производители и кои повторно немаат интереси. Така што, има многу контролни механизми за да се осигуриме дека нема микрочипови или што БИЛО Опасно за јавноста, вели доктор Мати Хлатшвајо Дејвис, лекар за инфективни болести на Универзитетот Вашингтон, на факултетот за медицина (37 секунда од видеото).
На следниот линк, на официјалната веб-страница за вакцинација во Македонија, поставени се упатствата за користење на вакцините во кои што го има и составот на секоја вакцина. Состојките на вакцините се позната и јавна информација и ниедна вакцина не содржи микрочип. Таквата теорија зема залет во конспирациските кругови, поради ангажманот на Бил Гејтс да финансира во вакциналните напори на светско ниво поврзани со ковид-19.
Џејмс Тејбери, професор по филозофија на Универзитетот Јута, кој пишува за конспирациските теории, за американската телевизија Еј-би-си, вели:
Тие инвестираа милиони во вакциналните заложби да го подобрат здравјето на луѓето. Бил и Мелинда Гејтс се многу вложени во вакциналните заложби. Тие им доделија грантови на истражувачите за да може тие истражувачи да пронајдат подобар начин да следат колку луѓе се вакцинирани во одредено подрачје, притоа мислејќи најнапред на земјите што се неразвиени, односно немаат електронски системи, односно електронска инфраструктура за да го прават тоа. Значи, како ќе следите кој се вакцинирал, кога немате ни електронска инфраструктура да го правите тоа?”, изјави Тејбери.
Објаснувајќи го психолошкиот ефект на конспирациските теории, тој вели дека тие можат да создадат илузија оти во еден хаотичен свет, каде што се случуваат многу чудни, непредвидливи, ужасни работи, како цунами и пандемии кои убиваат милиони луѓе – да изгледа помалку хаотичен.
Целата драма со наводни микрочипови, преку кои, наводно, населението ќе биде следено, нема врска со реалноста. Што, всушност, се случува? Компанијата „Апи Џект“ од САД, размислува за „опционален микрочип“, ама тој ќе биде на етикетата од шприцот и нема да се инјектира при имунизацијата. Важно е да се каже дека овој микрочип е засега наменет само за САД, а не за Македонија, а неговата намена, како што за „Ројтерс“ потврдил портпаролот на фирмата, Стив Хофман, е следната:
- Да му овозможи на здравствениот работник да верификува дека вакцината и шприцот не се со истечен рок и не се фалсификат.
- Да потврди дека вакцината во шприцот е искористена.
Здравствениот работник би користел апликација на мобилниот телефон за да ја види оваа информација или да ја внесе во системот. Сето тоа ќе се прави без никакво навлегување во личните податоци за пациентот. Информациите во оваа апликација ќе се однесуваат само на дозите и на шприцевите, односно на вакцината, а не на човекот.
Како што може да се види од следниот линк, оваа технологија е сосема опционална и американската влада уште нема ни одлучено дали сака да ја користи! Фирмата „Апи Џект“ не ги произведува вакцините, туку само ги полни во своите шприцови, за да бидат достапни за користење. Чипот нема да собира лични податоци, ниту податоци за тоа кој ја примил дозата, туку ќе му овозможи на здравствениот работник да знае кога дозата е со истечен рок и дали е фалсификат. Оттука, како невистинита ја оценуваме информацијата изнесена во постот што го рецензираме, дека со вакцинацијата ќе ве чипуваат.
Вакцината не содржи чип, ниту со неа на каков било начин може да се следат вашите активности.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.