Не се укинува полицискиот час од среда

Рецензираме текст со пост на „Фејсбук“, во кој се навестува укинување на полицискиот час од среда (19 мај 2021 година). Укинување на полицискиот час и олабавување на заштитните и рестриктивните мерки нема да има барем уште две недели и таков предлог е донесен на состанокот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести истиот ден кога е објавена информацијата дека ќе се олабават мерките. На 19 мај владата го усвои предлогот на Комисијата за заштита на населението од заразни болести, полицискиот час да трае барем уште две недели, односно барем до 1 јуни. Сепак, во текстот провејува наративот дека „се очекува“ нивно ублажување, а информацијата е атрибуирана на владини извори.

Како што се дознава, полицискиот час ќе биде отстранет бидејќи има дополнително намалување на бројот на позитивни случаи, бидејќи од извршените тестови заразени се само 3 проценти, пишува во текстот што го рецензираме.

Исто така, се додава дека со други мерки се очекува да се продолжи работното време на угостителите, додека олеснувањата се очекуваат и во други области каде што се применуваат ограничувањата.

Меѓутоа, државната агенција МИА, повикувајќи се на официјални информации од Министерството за здравство, извести дека нема да има никакви промени на мерките од среда.

Мерките што остануваат во сила се донесени на 69-тата седница на Владата и се однесуваат на ограничувањето на движењето на граѓаните. Согласно овие мерки, забраната за движење на населението и на возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија почнува на полноќ и трае до 4 часот наутро, почнувајќи од 13 мај 2021 година. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење беа вечерните часови на 12 мај, за време на верскиот празник Рамазан -бајрам.

Според истите, угостителските објекти ќе се затвораат за посетители во 23 часот и 30 минути, а за време на дозволеното работно време се дозволува работа само на отворените делови, тераси од угостителскиот објект. Исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром – Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и угостителскиот објект, односно дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување) за посета од лицата сместени во овие објекти. Од 12 мај престана да важи мерката за забрана за посетители во сите вежбални, фитнес-клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање, во затворен простор, како и во игротеките, но работата во овие објекти задолжително треба да се одвива според протоколите за работа.

Како дел од овие мерки е и одлуката дека сите настани и други слични јавни активности (културни, научни и забавни) може да продолжат да се одржуваат согласно наменските протоколи до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворените простори. Спортските настани и понатаму се организираат без физичко присуство на публика.

Ниту препораката на Комисијата за заштита на населението од заразни болести ниту владината одлука донесена на седница, не е да се укине целосно полицискиот час, ниту да се промени режимот на работа на угостителите, туку да продолжат да важат, непроменети.

Порталот објави уште две вести во кои има точни информации дека полицискиот час не се укинува, односно останува во сила до 1 јуни и тоа истиот ден, како и неточната вест, утредента. Но, веста со погрешните информации остана непроменета, како и придружниот фејсбук-пост, кој е прилично вирален и има над 200 интеракции.

Оттука, како невистинита ја оценуваме информацијата изнесена во постот што го рецензираме, дека полицискиот час ќе биде отстранет од среда (19 мај) и оти оттогаш се очекува промена на режимот по кој работат угостителите.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.