Не е вистина дека Мијалков излегува од притвор

Во објавата што се споделува на „Фејсбук“ согласноста на Обвинителството, Мијалков да се брани од слобода, бидејќи понудил гаранција од речиси 11 милиони евра, се толкува како завршена работа и неточно се тврди дека ексдиректорот на УБК излегува од притвор. Но, решение за укинување на мерката притвор носи Судот, а во конкретниот случај Судот одлучи дека Мијалков останува во притвор и покрај понудената гаранција

 

 

Пост на социјалната мрежа „Фејсбук“ шири невистини дека поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, излегува од притвор и оти ќе се брани од слобода. Во прилог на објавата е линкуван текст којшто фактички преку насловот ја дезинформира јавноста.

 

За што всушност станува збор?

Самиот напис пренесува коректна информација дека од Обвинителството дале согласност Мијалков да се брани од слобода, бидејќи понудил гаранција од речиси 11 милиони евра, а дека за тоа треба да одлучува Кривичниот суд.

Значи, текстот во содржинскиот дел кажува дека по одлуката на Судот ќе се знае дали Мијалков ќе излезе од притвор. Но, наспроти тоа, насловот соопштува нешто сосема друго, како веќе да е завршена работата и со сигурност се знае дека наводно:

Мијалков излегува од притвор, ќе се брани од слобода

Што не е точно.

Дента (19.5.2021) кога е пласиран текстот со ваква формулација на насловот, а потоа и споделен во објава на „Фејсбук“, сѐ уште не беше позната одлуката на Кривичниот суд. Наредниот ден, пак, 20 мај, Судот соопшти дека  ексдиректорот на УБК, Мијалков, останува во притвор и покрај понудената гаранција:

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован.

Кривичниот суд, исто така, соопшти дека:

Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сѐ уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна.

А, Судот кога ја носел Одлуката имал предвид и дека Мијалков е осуден на 8-годишна казна затвор за случајот „Трезор“, а за „Таргет – Тврдина“,на 12 години.

Инаку, на оваа Одлука на Судот ексдиректорот на УБК има право на жалба пред Апелациониот суд во рок од 3 дена по приемот на решението.

Од сето ова јасно се гледа дека тврдењето искажано во постот дека „Мијалков излегува од притвор и ќе се брани од слободае невистинито.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.