Фотографијата со хауба потпрена со наводен калашников нема никаква врска ниту со Тетово ниту со Северна Македонија. Фотографијата најверојатно е направена во Бугарија, на крајот на јануари. Бугарскиот весник „Бугарија денес“ ја објавил оваа слика во категоријата „фотографија на денот“ на 26 јануари и притоа е дадено објаснување дека не станува збор за вистинско оружје, туку за детска играчка
За фотографија од автомобил „ауди“ на кој хаубата му е отворена и потпрена со оружје, кое што наликува на калашников, се тврди дека е снимена во Тетово и така се споделува на социјални мрежи, а објавена е и на дел од медиумите.
Нo, фотографијата не е снимена во Тетово. Иако на прв поглед може да се донесе таков заклучок, затоа што на регистарската табличка на автомобилот до којшто стои човек, пишува „ТЕ“, односно ознаката што се користи за автомобили регистрирани во Тетово, фактите говорат дека оваа фотографија е едитирана и станува збор за фотомонтажа.
Фотографијата нема никаква врска ни со Тетово ни со Северна Македонија. Пребарувањето на пребарувачот „Гугл“ покажува дека оваа слика е поврзувана со редица држави, меѓу кои и Хрватска, Русија и Бугарија. Според податоците на пребарувачот, фотографијата најверојатно е направена во Бугарија, на крајот на јануари годинава.
Бугарскиот весник „Бугарија денес“ ја објавил оваа слика во категоријата „фотографија на денот“ на 26 јануари. Како автор на фотографијата е потпишан Александар Тасевски и притоа е дадено објаснување дека не станува збор за вистинско оружје, туку за детска играчка.
Според очевидци на случката, нема причина за тревога затоа што оружјето е сепак детска играчка, а не вистински автомат, пишува во објавата на медиумот.
Тука фотографијата е објавена со регистерски таблички CB (ЦВ), што според кодовите за табличките во Бугарија значи дека се работи за регистрација од Софија.
Истата фотографија, но со различни ознаки на регистарската табличка, кои асоцираат на градот Шибеник, е објавена и на фејсбук-страницата Crazy Croatia во февруари.
На интернет-просторот може и да се најдат тврдења дека фотографијата е снимена во Русија.
Оваа фотомонтажа кај нас првично е објавена на Офф.нет (текст), а потоа и од неколку други медиуми (ФБ), кои како извор (ФБ) на информација ги посочуваат социјалните мрежи.
Трагата може да се следи преку агрегаторите на вести, кои чуваат податоци и за времето на објавување. Во случајов може да се види дека по објавата на Офф.нет, Сител објавил напис со истата фотографија и свој текст. Два часа подоцна, Инфомакс и Република објавиле написи со текст ист како оној на Сител.
По објавувањето на проверката на факти на „Вистиномер“, дел од овие медиуми накнадно го имаат отстрането написот или ја направиле содржината недостапна.
Освен што фотографијата е монтирана за да се добие впечаток дека станува збор за автомобил регистриран во Тетово и со тоа се измамува јавноста, особено проблематично во оваа објава е тоа што баш Тетово е земен како мултиетнички град на кој ќе му се припише фотографијата. Овде се препознава ширење стереотипи за цел еден град и асоцирање на тетовци со насилство. Поради таквите стереотипи и предрасуди потоа на целиот град му се подметнува етикета дека е криминоген без никаква реална причина и за нешто што се случило во сосема друга држава.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.