Наведеното во книгата, а и во постот што се споделува на „Фејсбук“, дека има некаков план за тоа како да се направи генерален ресет во неколку чекори, е незасновано на факти и претставува чиста фантазија и дезинформација. Опишаните 10 чекори во постот не се исполнија досега. Смртноста е најголема кај невакцинираните и обратно, многу ниска кај вакцинираните. Ковид не е обичен грип или настинка, туку болест предизвикана од корона-вирусот, која може да биде мултисистемска и да нападне повеќе органи одеднаш, да доведе до цитокинска бура, ниска сатурација, долгорочни последици за сите органи. Вакцините, според некои експерти, спасуваат 900 животи на 100 илјади вакцинирани
Книга со наслов „Ковид 19, големиот ресет“, објавена на 9 јули 2020 година од авторот Клаус Шваб, претставува главниот извор на овој пост споделен на „Фејсбук“. Станува збор за книга во која се изнесени гледишта што авторката на постот ги сумирала во 10 чекори, кои наводно се случуваат на глобално ниво. А, сега во моментот, според неа, светот го живее седмиот чекор, во којшто „луѓето почнуваат да умираат од вакцината, а им се кажува дека причина за тоа е уште една мутација на ковид-19 полоша од претходните”. Исто така, базирано на книгата, авторката тврди дека „за смртните случаи се обвинуваат невакцинираните”.
Наводното и непостојно глобално ресетирање на светот е дел од теорија на заговор според која мала група луѓе сакаат да го сменат светскиот поредок за да воспостават доминација врз мнозинството од населението, но таа не е базирана на никакви докази.
Во постот има една нелогичност и дезинформација: Ако луѓето почнуваат да умираат од вакцината, како е можно починатите во најголем дел воопшто да не се вакцинирани со ниту една доза?
СМРТНОСТА Е НАЈВИСОКА КАЈ НЕВАКЦИНИРАНИТЕ
Да ги земеме за пример македонските статистики. Министерството за здравство прави неделна анализа, која се објавува секој петок, за тоа колку од починатите и новозаразените со ковид биле вакцинирани. За вакцинирани во таа анализа, се сметаат луѓето што примиле 2 дози од вакцината, а по втората доза поминале 14 дена.
Од 3.497 граѓани кај кои е потврден корона-вирусот во неделата, кога е правена анализата, од 6 до 12 август, 450, односно 12,8 отсто биле целосно вакцинирани, а 87,1 проценти или 3.047 граѓани од позитивните не биле вакцинирани. Министерството за здравство во анализата за наведениот период евидентира дека ниту еден од сите 25 починати од ковид-19 минатата недела не бил вакциниран.
Значи, 25 луѓе починале, а за тоа не може да се обвини вакцината, затоа што лицата воопшто не ја примиле. Смртта, напротив, настанала поради компликации од корона-вирусот, кој, како што е докажано, предизвикува потешки последици кај невакцинираните. Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека вакцинацијата против ковид ја намалува смртноста 20 пати.
Значи, смртноста е највисока кај невакцинираните. И не е така само во Македонија. И во САД 99 проценти од починатите се невакцинирани.
Министерот, исто така, извести дека последните анализи покажуваат оти новиот делта-сој на вирусот масовно се шири кај невакцинираното население во светот. Според последните податоци, дури 84 отсто од новозаразените во Холандија се невакцинирани, а 10 отсто се вакцинирани само со една доза. Во Обединетото Кралство скоро две третини од луѓето заразени со делта-сојот на ковид-19 и повеќе од половина починати, воопшто не биле вакцинирани. Шпанија бележи значителен пораст на нови случаи кај млади невакцинирани лица.
КОВИД-19 И ГРИП НЕ Е ИСТО
Во постот што го рецензираме, покрај оваа невистина што погоре ја дебанкиравме, постојат и претходни наводни „чекори“ кои се случиле. Првиот, според постот и книгата наведена во постот, е тоа дека светското население било убедено оти обична настинка или грип може да ги убие луѓето, а дека асимптоматите можат да ја пренесуваат заразата. Ковид е предизвикан од корона-вирусот, а настинката од вирусот инфлуенца. Се работи за 2 различни вируса. Иако симптомите може да се слични во само одреден број случаи, сепак, има големи разлики меѓу настинка и ковид во поглед на долгорочните последици. Исто така, смртноста од ковид е поголема од таа од грип.
Разликата меѓу ковид-19 и грипот, според клиниката „Мајо“, е што двете состојби се предизвикани од различни вируси. Ковид-19 е предизвикан од корона-вирусот, а инфлуенцата од вирусите инфлуенца А или Б. Како што пишува на веб-страницата на клиниката „Мајо“, со ковид-19 може да се случи симптомот губење на мирис и вкус. Различно е и што симптомите кај ковид генерално се појавуваат два до 14 дена по изложеноста на вирусот, а кај грипот се појавуваат од 1 до 4 дена по изложеноста на вирусот предизвикувач на грип. Исто така, ковид-19 се шири побрзо од грипот, односно е поконтагенозен. Стапката на смртност кај ковид е повисока отколку кај грипот.
Во 2020 година и во 2021 година во САД од ковид починале 580 илјади луѓе. Во 2019/2020 година во сезоната на грипот, од грип во САД починале 22 илјади луѓе.
Друга разлика е тоа што грипот може да се третира со антивирални лекови. Единствениот антивирален лек за третирање ковид е „ремдесивир“.
Значи, ковид и грип не се едно те исто!
Потоа, се вели дека смртноста од грип, ковид, канцер и други состојби ќе се заведува како смрт од ковид. СЗО има правилник како да се евидентира смртноста од ковид. Точно е дека и тие што имаат придружни болести и ковид во исто време, се водат како ковид случаи, но тоа е затоа што ковидот го забрзал настапувањето на смртта. Правилникот е од април 2020 година, а книгата која се цитира во постот е од јули 2020 година. Значи, на авторот можело да му биде познато дека и лицата што имаат коморбидитети и ковид се евидентираат како починати со ковид. Ако авторот можел да ја знае класификацијата на смртноста, односно како се „бројат“ починатите од ковид, како е можно таа информација да биде „планска“? Taa во времето на објавувањето на книгата била јавна информација! Причината зошто и пациенти со коморбидитети и ковид се водат како починати со ковид е следењето на контактите и транспарентноста, а не некаков таен план!
ВАКЦИНИ, НУС-ПОЈАВИ И СМРТНИ СЛУЧАИ
Четвртиот, петтиот и шестиот чекор, наведени во постот за наводниот голем ресет, наводно се: да се уверат луѓето дека спасот е во вакцината, да се прикријат нус-појавите и смртните случаи од вакцината и да се прикрие научниот факт дека вакцините ќе го уништат имунолошкиот систем на луѓето до степен тој да не може да се бори ни против обична настинка.
Ништо од ова не е точно. Прво, вакцината не само што е спасот, туку докажано е дека таа штити од смртни последици и тежок развој на ковид. Нус-појавите и смртните случаи не се кријат. Во упатствата за користење на вакцините објавени и во Македонија и јавно достапни до целата јавност, се дадени сите несакани ефекти, кои се најчесто благи. Погледнете ги овде.
Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД прима пријави за несакани ефекти од вакцината. Досега има 122 пријавени несакани реакции од 408.953 вакцинирани лица и сите се благи и опишани во упатството за користење. Тоа е помалку од 0,03 проценти од извршените вакцинации кај кои се појавила несакана реакција.
Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, покачена телесна температура, главоболка, болка во мускули и малаксаност. Сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упатствата за употреба на вакцините. Агенцијата за лекови и медицински средства има потпишано договор за соработка со Uppsala Monitoring Centre (UMC) – глобална електронска база на податоци за несакани реакции на лекови на Светската здравствена организација со седиште во Шведска. Сите пријави кои се доставени до МАЛМЕД се обработуваат и проследуваат до UMC и стануваат дел од документацијата за безбедноста на лекот, рекоа од МАЛМЕД.
Нема докази дека вакцините го уништуваат имунолошкиот систем до степен тој да не може да се бори против обична настинка. Ама има докази дека ковид-19 може да предизвика долгорочни последици наречени „долг ковид“, за кои пишувавме на овој линк опсежно.
Поради овие факти, оценуваме дека наведеното во книгата, а и во постот, дека има некаков генерален план за тоа како да се направи генерален ресет (терминот е навистина нејасен) во неколку чекори, е незаснован на факти и претставува чиста фантазија и дезинформација. Опишаните чекори во постот не се исполнија досега. Смртноста е најголема кај невакцинираните, додека кај вакцинираните е многу ниска. Ковид не е обичен грип или настинка, туку болест предизвикана од корона-вирусот која може да биде мултисистемска и да напаѓа повеќе органи одеднаш, да доведе до цитокинска бура, ниска сатурација на крвта, долгорочни последици за сите органи. Вакцините, според некои експерти, спасуваат 900 животи на 100 илјади вакцинирани.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.