Има разлика помеѓу 40 проценти и 40 илјади деца – постот е невистина

Наместо 40 илјади деца, постот де факто тврди дека 100 илјади деца нема да можат да следат онлајн-настава, што не е точно

Пост-објава на „Фејсбук“ за онлајн-наставата и вкупниот број деца што не можат да ја следат, зашто немале компјутери, е целосна невистина зашто станува збор за невистините бројки, многу поголеми од реалноста.

Во објавата се наведуваат следниве „факти“:

40% од децата немаат можност за да следат онлајннастава, ама затоа Завод за статистика се поднови со 5.200 лаптопи за 3.2 милиони евра. Колку вработени има во заводот? Лапај си

Бројката од 40 отсто од децата, кои немале можност да следат онлајн-настава е целосна невистина според досега објавените податоци и познати бројки. Имено, во јавноста од неодамна се зборува за проценка од 40 илјади деца, а не за 40 проценти од децата. Проценката е на Министерството за образование и таа беше кажана на 18.9.2020 при претставување на Националната платформа за онлајн-настава (околу 38 минута од видеото), за што сведочат и медиумските објави истиот ден.

Разликата помеѓу 40 проценти од децата и 40 илјади деца е многу голема. Имено, според достапните податоци во јавноста, во основно и средно училиште во учебната 2020/2021 година има запишано околу 250 илјади деца, што се потврдува со бројките од Државниот завод за статистика за претходната 2019/2020 учебна година, кога на настава имало запишано околу 257 илјади деца. Процентот на 40 илјади од 250 илјади е 16 проценти, а не 40 проценти. Или за околу 60 илјади деца повеќе, според авторот на постот!

Министерката за образование, Мила Царовска, тогаш изјави дека интернет-пристапот ќе се подобри со донации, а за децата што немаат IT-уреди за следење на наставата државата нема да може да ги обезбеди уредите во краток рок, но и дека за нив има обезбедено решение:

Тоа е затекната состојба, која не може да се надмине во период од еден месец. За тие деца ќе имаме часови (15-минутни видеа) кои ќе бидат поставени на Националната телевизија, на каналите коишто се веќе обезбедени и преку нив тие ќе може да бидат изложени на информациите коишто треба да ги добијат во училиште.

И податоците во вториот дел од реченицата во постот што го рецензираме не се вистина. Односно, има делумна невистина и во бројките, кои, пак, невистинито се компарираат со бројот на вработени во ДЗС. Имено, авторот на постот вели „ќе се набавеле 5.200 лаптопи за 3,2 милиони евра“, па прашува, „колку вработени има во заводот“?

Точната бројка е поголема – 5.650 лаптопи по 540 евра, односно околу 3,05 милиони евра. Но, во постот не се наведува дека лаптопите се со строго наменска цел за спроведување на пописот во 2021 година и дека тие не се само за вработените во Заводот за статистика, туку и за лицата што ќе го спроведуваат пописот на терен.

Сѐ на сѐ, содржината во постот е целосна невистина, иако авторот генерално сакал да ја пласира дилемата зошто има пари за лаптопи за попис, а не за онлајн- настава, што беше и дел од дилемите поставени во јавноста од медиумите.

Ваквиот пост со невистинита содржина стана доста вирален за кратко време. Тој само последните 24 часа, кога ја правиме оваа рецензија, бил погледнат околу 1.200 пати, вкупно над 30 илјади пати, а е споделен 54 пати.
(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.