Тестовите за ковид 19 ниту го оштетуваат мозокот, ниту содржат хидрогел ниту се задолжителни

Објава на „Фејсбук“ ја дезинформира јавноста дека тестовите за корона-вирусот се многу опасни, дека со нив наводно се оштетува заштитната бариера на мозокот, се злоупотребува генетски примерок од ДНК, се врши умствена контрола врз тестираните?! Тестирањето за корона-вирусот единствено има цел да открие дали во организмот постојат знаци на активна инфекција

На „Фејсбук“ циркулира пост во кој се изнесени низа невистини околу тестирањето за ковид 19, меѓу кои и таа дека при тестирање со брисовите се оштетува заштитната бариера на мозокот, дека преку стапчињата се внесува хидрогел во организмот, како и дека се зема ДНК-примерок, кој потоа се користи за да се врши умствена контрола врз оние што се тестирале. Објавата е споделена 181 пат и има над 60 допаѓања. Повеќето од коментарите се некритички и во склад со содржината што е полна дезинформации.

Првата невистина е дека со тестовите за корона-вирусот се оштетува заштитната бариера на мозокот. Како што претходно пишувавме, откако консултиравме низа експерти од полето на микробиологијата, неврохирургијата и оториноларингологијата, апсолутно е неможно да се оштети мозочната бариера со стапчето за брис, дури и кога тоа хипотетички би било насочено во погрешна насока.

Лекарите во дел од овие проверки на факти, вклучувајќи го и овој на „Вистиномер“, тврдат дека при земањето брис стапчето во носот оди во пределот каде се спојуваат носот и грлото, т.е. во назофаринксот и оти главната потешкотија е единствено неудобноста на пациентот.

Доктор Александар Стојанов, в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, изјави дека станува збор за глупост што може да биде опасна.

Земањето брис од нос нема апсолутно никаква врска со какво БИЛО Пробивање на мозочната бариера кај човекот. Јавноста да не слуша и чита секакви тврдења кои не се на ниеден начин научно и медицински поткрепени. Очигледно, оној кој го тврди ова сака да ги доведе луѓето во заблуда и очигледно нема основни познавања од анатомија. На крај ќе излезе дека мозокот преку носот им го вадиме на пациентите. Брис се зема од нос и од грло и нема тука никакво оштетување на ништо.

Друга дезинформација од спорниот пост е тоа што се тврди дека „засилено се наметнува задолжително тестирање бидејќи со тоа ќе може да ве контролираат и подоцна да ја примите вакцината и сѐ што ќе понудат”.

Прво, воопшто не се наметнува никакво задолжително тестирање. Тестирањето во Македонија е доброволно и никој принудно не е тестиран. Вакцината, како што изјави министерот за здравство, доктор Венко Филипче, воопшто нема да биде задолжителна, туку граѓаните ќе ја примаат на доброволна основа.

Истото го потврди и директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов, кој истовремено е и член на Комисијата за заразни болести, советодавно тело на министерот за здравство, каде што се дискутира ова прашање околу дистрибуцијата на вакцината.

 Не може вакцината против Ковид да биде задолжителна. Има задолжителни вакцини по календар, за лица до 18 години, но понатаму другите што се примаат, како, на пример, за тифус, грип, жолта треска, не се. Никого не можеме да го натераме да ја прими, изјави Стојанов за „Слободен печат“.

Третата дезинформација се однесува на тоа дека со готовите стапчиња се внесува хидрогел во организмот што содржи микронанороботи (во оригиналниот напис најверојатно е направена печатна грешка и тие се наречени „нанобоботи“). Тестовите за корона-вирус воопшто не содржат хидрогел.

Молекуларните тестови ги бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.

Никаков квантен компјутер, никаква 5Г-мрежа и никаква умствена контрола, ниту „чипување“ не се случуваат кога некој е тестиран за ковид 19. Во земјава сѐ уште нема ниту активна 5Г-мрежа, нема ниту институција што врши „чипување“, а камоли, пак, квантни компјутери. Такви компјутери и генерално, на целата планета, речиси никаде не се применуваат во практични цели, туку само во истражувачки, затоа што сѐ уште станува збор за недоистражена и нова технологија, со која сѐ уште тешко се управува од многу причини, а, пред сѐ, затоа што централната процесорска единица („мозокот“ на квантниот компјутер) треба да се држи на многу ниски температури, блиски до „апсолутна нула“ (-273 Целзиусови степени), односно на температури што се пониски („постудени“) и од празниот простор меѓу ѕвездите.

Посебна приказна се, пак, „микронанороботите“. Такво нешто не постои. Не само што не постои во реалноста, туку не постои ни во научната фантастика. „Нано-“ значи милијардити дел од нешто, во случајот милијардити дел од еден метар. „Микро-“ значи милионити дел од нешто, во случајот милионити дел од еден метар. Милијардити дел од метар, тоа е големина на еден атом. Роботи со големина од еден атом не постојат, односно не се измислени. А, „микро нано-“ би значело милионити дел од милијардити дел од еден метар. Толку мали честички или не постојат во универзумот или науката сѐ уште ги нема откриено, а камоли, пак, да направи робот со големина на честички кои или не постојат или не се откриени.

Дополнително, тврдењето дека „технологијата што ја прикажуваат ја имаат и ја тестираат најмалку 20 години наназад” е комплетно нејасно. На која технологија се мисли? Дополнително, се тврди дека поткрепата за сите наоди во постот може да се пронајде преку линкови што воопшто ги нема, правејќи го постот уште поманипулативен, бидејќи нема реален извор. Ваквите конспиративни теории, кои воедно ги инкорпорираат неповрзливите корона-вирус, 5Г телекомуникациските мрежи и микрочиповите, на долго и на широко се дебанкирани од страна на „Би-би-си“, на пример, а се раширени на повеќе говорни подрачја ширум светот.

Тестирањето за корона-вирусот единствено има цел да открие дали во организмот на оној што се тестира постојат знаци на активна инфекција. Претворањето на генетски примерок од ДНК на човекот што се тестира „во дигитална вредност во квантниот компјутер“, претставува невистинито тврдење опасно за здравјето на граѓаните, кои ќе поверуваат во оваа конспиративна теорија.
(vistinomer.mk)

 


Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени
од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.