Договорот со Грција од Нивице е реалност и тој се спроведува

Постот што се однесува на Договорот со Грција изнесува редици невистини – од тоа дека договорoт не важел и бил мртвороденче, до тоа дека не бил ратификуван во Грција

Пост-објава на „Фејсбук“ на македонски јазик изнесува повеќе невистини за билатералниот договор меѓу Скопје и Атина за решавање на долгогодишниот спор што го водеше Грција со Република Македонија околу уставното име и други прашања.

Како што е познато, Договорот заврши со ратификација во парламентите на двете земји, со што стапија во сила одредбите, според кои најважната бешe промена на нашето уставно име од Република Македонија во Република Северна Македонија.

Во постот што го рецензираме се наведува следното:

За сите северџани, цензусоиди, и ментално регресирани индивидуи кои тврдат дека “Северна” постои, и дека тоа е реалност.

Значи :

1) Северна е мртвороденче-мртво слово на парче неважечка хартија(формално правно, но и суштински меѓу народот).

2) Северна не е верификувана (одобрена) од претседателот на државата, и не е потпишан договор од премиерот, туку само од 1 министер. Кој за тоа нема никакво право или овластување (нормативно правно).

3) Северна се коси со повеќе резолуции во ОН донесени околу “Разговорите за разликите на името на FYR MACEDONIA “. И не помина совет на Безбедност, а Грција ден денес стои на ставот дека тоа е регионално безбедносно прашање.

4) Грција (сите институции) не го ратификуваа и не го признаваат договорот од Преспа, за официјалната Атина тој е нелегален, невалиден и донесен во услови на корупциски скандал (за кој беше разрешен министер и заменици во владата).Тие продолжуват да не ословуват со ” Firomians & skopjanos” а Македонија со FIROM.

5) * Можеби најважно за европската јавност и меѓународната парламентарна демократија е оваа изјава дадена лично од “Премиерот на вашата држава”.

Во разобличувањето на невистините или полувистините од ваквиот пост ќе одиме по ред.

1. Северна Македонија не е „мртвороденче-мртво слово на парче неважечка хартија (формално правно, но и суштински меѓу народот)“, како што тврди авторот на постот. Причината за тоа е што договорот е реалност и се спроведува во двете земји, како и фактот што досега ниту една релевантна институција во земјата не го оспорила правниот дел од процедурата, која заврши со ратификацијата на договорот во Собранието и со промена на Уставот. Како што е познато, единствена легитимна институција во земјата за ова прашање би била Уставниот суд. Што се однесува до народот, земајќи го бројот на граѓани што излегоа и го поддржаа решението преку референдумот што се организира во земјата во септември 2018 година, а тоа се 609 илјади граѓани, сосема е јасно дека не е вистина дека народот, се мисли на целиот народ, бил против ваквото решение.

2. Договорот со Грција е потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји. Точно е дека имаше дилеми во јавноста дали договорот треба да го потпише претседателот на државата, бидејќи постои таква уставна одредба. Но, да повториме, прашањето не е оспорено од единствената легална институција за ова во земјата, Уставниот суд. Овој суд, во врска со Договорот со Грција, има расправано два пати. Првиот пат кога кога во 2018 година го отфрла барањето поднесено од три субјекти, Светски македонски конгрес, партијата Левица и граѓанинот Марјанчо Ангеловски, да се оцени уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум. И вториот пат, кога го отфрла барањето на два субјекта, СМК и адвокатот Томе Тоодоровски, да се оцени Одлуката за измени на Уставот на Република Македонија, донесена од Собранието на 19 октомври 2018 година.

3. Ниту името Северна се коси со повеќе резолуции на ООН, донесени околу „разговорите за разликите на името на FYR Macedonia“ ниту, пак, имаше потреба договорот да биде разгледуван од Советот за безбедност на ОН. Двете резолуции на ООН за ова прашање, Резолуцијата 817 и Резолуцијата 845, и двете донесени во 1993 година, го задолжуваат Генералниот секретар на ООН само да го информира Советот за безбедност околу развојот на спорот, а не Советот и да гласа (види точка 3 и точка 4 од двете резолуции). Што се однесува до тоа како било третирано прашањето, точно е дека Грција го третираше како регионално и безбедносно, а дека македонските власти го третираа како билатерален спор кој не е безбедносно прашање.

4. Не е вистина дека „Грција (сите институции) не го ратификуваа и не го признаваат договорот од Преспа, за официјалната Атина тој е нелегален, невалиден и донесен во услови на корупциски скандал ( за кој беше разрешен министер и заменици во владата)“. Не е баш најјасно од постот кои се тие други институции што во Грција треба да го ратификуваат Договорот. Но тој во грчкото Собрание е ратификуван на 25 јануари 2019 година, додека во земјата Уставот е променет со уставните амандмани на 11 февруари, по што Договорот е влезен во правна сила од 12 февруари 2019.

5. Конечно, во петата точка авторот на постот тврди дека најважно прашање било тоа што тогашниот и сегашен премиер, Зоран Заев, признал дека не била донесена одлука на референдумот и притоа нуди снимка објавена на „Фејсбук“. На снимката се гледа Заев од собраниска говорница како им се обраќа на пратениците и е извадена реченицата „не е донесена одлука“, во контекст на резултатите од Референдумот. Снимката е извадена од контекст и е преземена од така монтираните снимки што во тоа време ги имаат објавено порталите „Инфомакс“ и „Нетпрес“.

Но, во таа реченица нема ништо спорно. Заев, иако изваден од контекст од целото обраќање, само го кажува фактот дека Референдумот од 30.9.2018 година не е успешен, односно не е донесена одлука. Но, референдумот не е распишан како задолжителен, а тоа го признава и ДИК, иако претходно тогашната власт најавуваше дека ќе биде задолжителен, за што „Вистиномер“ ја има оценето доследноста.

Земајќи ги предвид сите точки од постот, може да се оцени дека целиот пост е невистина, а видеото е извадено од контекст и не оди во прилог на тврдењата што се изнесени.
(vistinomer.mk)