Во објава на „Фејсбук“, Британецот Дејвид Ајк пандемијата со ковид 19 ја нарекува „илузија“ и шири невистини дека „корона-вирусот не постои, дека целта е мала група на луѓе да воспостави фашистичка доминација врз граѓаните, одземајќи им ги слободите, ставајќи ги во кафез и изолирајќи ги“. Но, спротивно на овој конспиративен дискурс, заклучно со 30 септември 2020 година, во светот се регистрирани 33.7 милиони случаи на ковид 19 и 1 милион починати лица
Рецензираме вирален видеоматеријал кој на „Фејсбук“ е широко споделуван, а во кој Британецот Дејвид Ајк говори за мерките за заштита од корона-вирусот како за една голема психолошка контрола и манипулација. Во неговиот говор изнесени се низа невистини. Првата референца што за Ајк се добива на „Википедија“ е конспирациски теоретичар и поранешен спортски коментатор.
Според „Википедија“, Дејвид Ајк во 1990 година посетил бајач, кој му кажал дека ќе биде од голема полза на земјата и ќе почне да добива сигнали од духовниот свет. Понатаму, како што се вели во написот за Британецот, тој се самопрогласил за син на Бог и најавил дека светот ќе биде покосен од голем број земјотреси, бури и бранови. Ова јавно го изјавил на Би-би-си, што довело до потсмев во британската јавност.
Во останатиот дел од описот за Ајк, тој е претставен како застапник на движењето „њу ејџ“, човек кој тврди дека Холокаустот никогаш не се случил, како и застапник на теориите на заговор дека светот го води новиот светски поредок и тоа во „фашистички правец“ и единствениот начин ова да се промени е луѓето да се „разбудат и да ги исполнат своите срца со љубов“.
Во сличен дух е и говорот што го рецензираме, а кој се однесува на пандемијата со корона-вирусот. Целиот тон на говорот е дека корона-вирусот не постои и дека целта е мала група луѓе да воспостави фашистичка доминација врз граѓаните, одземајќи им ги слободите, ставајќи ги во кафез и изолирајќи ги. Ајк ја нарекува пандемијата „илузија”. Но, спротивно на овој конспиративен дискурс, заклучно со 30 септември 2020 година, во светот се регистрирани 33.7 милиони случаи на ковид 19 и 1 милион починати лица, што ја покажува реалната и опасна слика поради која здравствените власти во светот се согласија да воведат рестриктивни мерки.
Токму овие рестриктивни мерки се „трн во окото„ на Ајк, кој опасно ги наведува присутните да не носат маски, да не одржуваат социјална дистанца и да продолжат да го живеат животот како и пред корона-вирусот, затоа што на таков начин „ќе избегнат да им се потчинат на малиот број луѓе, кои имаат авторитетна улога во општеството”. Тврдењето на Ајк дека „вирусот има метро“ е саркастично и со него тој ги игнорира научните докази дека корона-вирусот навистина се пренесува во зависност од далечината на која што се наоѓа инфицираното лице.
Светската здравствена организација (СЗО) препорачува барем еднометарска дистанца за да се спречи ширењето на вирусот. Како што објавува СЗО на својата официјална страница, кога некој ќе се накашла, кога ќе кивне или кога ќе плукне, мали капки од носот или устата се шират во воздухот и тие може да го содржат корона-вирусот:
Ако сте премногу блиску, може да ги вдишете овие капки, заедно со вирусот Ковид 19, доколку личноста е заразена.
Како што објавува „Би-би-си“, реномираното медицинско списание „Лансет“, во објавената студија заклучува дека со одржување еднометарска дистанца од другите луѓе, се намалуваат шансите за зараза:
Ризикот од зараза со Ковид 19 се проценува на 13 проценти ако сте поблиску од 1 метар од заразениот, но само 3 проценти ако сте оддалечени повеќе од 1 метар. Студијата, исто така, тврди дека со секој дополнителен метар оддалеченост до 3 метри, ризикот за трансмисија се намалува за педесет проценти.
Друго опасно и невистинито тврдење на Ајк е дека времетраењето на контактот со инфицирано лице не е важен за трансмисијата на ковид 19. Како што објавува американскиот центар за контрола и превенција на болести, податоците не се доволни за да се даде дефиниција што претставува „подолга изложеност”, но дека 15 минути блискост со инфицирано лице може да се користат како базична дефиниција.
Кратките средби се понеризични да резултираат со трансмисија, но, исто така, останува важно дали инфицираното лице директно се накашлало во лицето на оној што бил изложен, пишува Центарот за контрола и превенција на болести.
Саркастичното тврдење дека маските ќе бидат задолжителни од следната недела не е издржано, затоа што Светската здравствена организација и владите во светот маските ги прогласија за основно оружје против корона-вирусот уште на почетокот на пандемијата.
Кога ги повикува граѓаните да не седат дома и да не носат маска, Ајк всушност учествува во загрозување на јавното здравје затоа што тоа директно зависи од почитувањето на овие мерки.
Понатаму, тој истакнува дека „имаме толку интелигентен вирус, кој ги напаѓа само оние што учествуваат во протести што владата сака да ги сопре и спречи”.
Меѓутоа, ова е манипулативно тврдење, затоа што протестите не се забранети од политички, туку од здравствени причини. Групирањето е најголем ризик за ширење на заразата од ковид 19 зашто кога се во група, луѓето не можат да ја одржуваат потребната дистанца од 2 метри. Слично тој ги охрабрува луѓето да се собираат на плажите, да не носат маски и да го живеат животот како пред пандемијата уверувајќи ги дека на тој начин се спротивставуваат на некаква „масовна манипулација и контрола врз нивните слободи”.
Исклучително е опасно да се заговара непочитување на мерките за заштита од ковид 19 зашто тие не се однесуваат само на индивидуалното, туку и на колективното здравје. Вирусот ги засега сите, цели општества и држави. Таков беше примерот со Италија на почетокот на пандемијата, од којшто евидентно беше дека однесувањето на поединецот директно ја афектира целата држава.
Ајк повикува граѓаните да се однесуваат анархистички, да не се придржуваат до препораките на здравствените власти и на таков начин да учествуваат во своето „ослободување“ од, како што смета, „прангите на психолозите кои сакаат да го променат однесувањето на целиот свет”. Целиот говор не се темели на медицински издржани аргументи, туку на конспиративни наративи, кои се опасни за граѓаните, особено за оние со хронични болести кај кои ковид 19 може да доведе до смртен исход.(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.