На „Фејсбук“ се појави пост, кој претставува линк до вест со наслов „Учебната година ќе трае до 31 август 2021 година“. Во веста, пак, се вели дека „Владата донесе одлука учебната година да трае до 31 август 2021 година.“
Вака како што е објавен овој пост, но и насловена веста, се сугерира дека учениците кои денес, на 1 октомври, ја почнаа новата школска година, ќе ја завршат на 31 август следната година. Иако тоа не е стриктно потенцирано, кај родителите и кај самите ученици се создава впечаток како тие цело лето да ќе бидат врзани за училиштето, односно дека ќе им биде одземен летниот распуст. Уште повеќе затоа што годинава, поради пандемијата, доцнеше почетокот на школската година.
Како доказ за констатацијата изнесена во веста, е пренесен сегмент од Одлуката на Владата на РСМ од седница одржана на 27 септември, а која се однесува на почнувањето и завршувањето на учебната година. Целата одлука може да се погледне овде.
Проблемот е што овде не се прави разлика меѓу учебна година и наставна година. Учебната година редовно трае до крајот на август, односно до 31 август. Но, редовната настава, односно наставната година, традиционално завршува на 10 јуни. Одлуката на Владата, врз која се темелат постот и веста не говорат ништо за какви било измени во однос на наставната година.
Читателите може да се уверат во ова ако погледнат како гласи одлуката на оваа тема во „Службен весник“ во година без ковид 19, на пример, објавена на 15 август 2016 година (страна 7), каде што во членот 2 стои дека
„Учебната година во основните училишта почнува на 1 септември 2016 година, а завршува на 31 август 2017 година. Наставната година почнува на 1 септември 2016 година и завршува на 9 јуни 2017 година“.
– Одлуката што е донесена по однос на учебната 2020/2021 е идентична како и за сите изминати години, со тоа што овој пат таа почнува на 1 октомври, наместо на 1 септември. Како што е познато, стартот беше одложен поради потребно дополнително време за ангажман за организирање на истата – вели портпаролката во МОН, Ирена Смиљанска. Портпаролката нагласува дека скусена е наставната година, а оти учебната година си останува иста.
Траењето на учебната година и во текот на јули и август е врзана за обврските на наставничкиот персонал, но и на учениците што имаат слаби оценки и кои треба во тој период да ги поправат истите за да можат, во случај на позитивен исход, да се запишат во следната учебна година.
Оттаму, овој пост, а и написот до кој води линкот во него, наведуваат на носење погрешен впечаток и внесуваат забуна и немир меѓу читателите, пред сѐ, кај учениците и нивните родители.
(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.