Фотографија од концерт во Британија не е никаков доказ за „нов светски поредок“

Со фотографија од музички концерт во Британија и друга фотографија од трла со овци, манипулативно поставени една над друга за да доловуваат сличност на состојбата во која се наоѓаат луѓето на концертот и овците во трлата, фејсбук-постот тврди дека тоа е доказ за „новиот светски поредок“ и оти мора да се даде отпор. Тој има дури 212 споделувања за само неколку дена

Пост за наводен „нов светски поредок“ е објавен на ФБ на македонски јазик, при што преку манипулација со фотографии се сака да се убедат корисниците дека така ќе ни изгледа иднината според теориите на заговор за ново уредување на светско ниво.

Текстот во постот вели:

Оваа е тој NWO (нов светски поредок).
Ако не дадеме отпор, тешко нам…

Со вака напишаниот текст и со обележани десетина фејсбук-корисници, веројатно пријатели и истомисленици на авторот, пласирана е монтажа составена од две поединечни фотографии. На горната фотографија се гледа масовен собир на луѓе што се одвоени во групи од по тројца-четворица и издвоени со метални огради-боксови. Сите овие боксови се на дистанца од по неколку метри.

Пребарувањата по интернет за потеклото на фотографијата покажуваат дека станува збор за исечок од фотографија на посетители на музички концерт во Велика Британија на позната поп-ѕвезда Сем Фендер. Настанот се одржал во првата половина од август во британскиот град Њукасл на североистокот од земјата, на просторот на „Вирџин мани јунити арена“, а организаторот се декларира како прво место во Велика Британија, посветено на комплетна организација на настани со физичка дистанца поради пандемијата со корона-вирусот. За настанот известиле поголемиот дел од британските медиуми, меѓу кои и „Мејл онлајн“, „Тајмс“ и други, се нашол и на страниците на познатиот магазин „Варајати“, како и повеќе музички или друг вид сајтови и блогови, а во текот на август и септември вака имаат настапувано уште неколку музички групи или поединци.

Настанот во споменатите медиуми е опишан како прв концерт од таков тип на голем отворен простор со одржување посебни мерки за протокол за физичка дистанца во Велика Британија од почетокот на март. Во други текстови овој настан е опишан како проблемски дел за британската влада, зашто ноќните клубови и големите арени останале без конкретни мерки за помош, а се наоѓале во многу лоша финансиска ситуација.

Под фотографијата од настанот, за кој може да се прошита на британскиот сајт boredpanda.com, во постот што го рецензираме залепена е фотографија со овци во трла. Вака монтираните фотографии, на луѓето во метални боксови и овците во трла, се јасно манипулативно средство со кое се сака да се покаже дека сега и луѓето се ставени во трла, а дека сето тоа е резултат на „новиот светски поредок“. И се разбира, упатен е повик дека сме морале да сториме нешто.

Каква врска има протокол и начин на физичка дистанца за одржување некаков музички концерт со наводниот „нов светски поредок“ и што кога ќе ги нема таквите фотографии, откако пандемијата еден ден ќе биде надмината (како и сите други епидемии низ историјата), авторот на постот не појаснува.

Според тоа, текстот, со фотографија од реален настан, под која е ставена и фотографија од овци во трла, е невистина. Не постои никаков „нов светски поредок“, особено не во смисла дека пандемијата е измислена или искористена за такво нешто. Но, тоа не било проблем постот да  биде погледнат од над 43 илјади луѓе, да биде искоментиран со десетици коментари и само за неколку дена споделен дури 212 пати.(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела