[Рецензија: Националното IQ на Македонија е 82, најниско во регионот]
Доведувањето во прашање на интелигенцијата на една нација несомнено удира врз националната гордост на нејзините припадници. Дали е една нација поглупава или попаметна од другата е чест предмет на шеги, но оваа тема во континуитет ја истражуваат и сериозни научни имиња и таа предизвикува многубројни контроверзии во научниот свет и поради методологијата што ја користат тие истражувања и поради мотивите и контекстот во кој потоа се ставаат податоците.
Линк до оригиналниот напис: Националното IQ на Македонија е 82, најниско во регионот
Датум и време на објавување: 2.7.2019
Датум на рецензирање: 5.7.2018
Рецензент: Југослава Дуковска
Предмет на оваа рецензија е новинарски напис што некритички пренесува информација за наводно научно истражување, кое покажало дека на Балканот Македонците имаат најнизок коефициент на интелигенција од сите свои соседи. Но, ако ја тргнеме настрана повредената национална гордост, овој напис има сериозни проблеми, кои, на крајот, комплетно го дискредитираат како сериозно новинарско четиво.
Одвреме-навреме, во домашните, исто како и во медиумите во регионот се појавуваат текстови што се повикуваат на некакви научни истражувања за степенот на интелигенцијата кај нациите во светот. Се работи за читани четива, „лесна литература“, која гарантира кликови, бидејќи ја задоволува љубопитноста на широка читателска публика. Но, тука почнуваат и проблемите, бидејќи речиси секогаш медиумите ги занемаруваат изворите на овие истражувања и не се трудат да ја утврдат нивната кредибилност, туку одат на сензацијата што тие ја носат. Сличен е случајот и со текстот што го анализираме тука.
Написот почнува со оваа реченица:
Коефициентот на интелигенција на национално ниво во Македонија е 82 бода и е најнизок во регионот.
Поентата на напишаното во текстот е дека сите нации во регионов се поинтелигентни од жителите на Македонија, наведувајќи која нација остварила колкав „скор“ на IQ и дека тоа, наводно, го тврди сериозен научен труд, наречен „Интелигенција на нациите“, никаде не наведувајќи кој е автор на тој труд, какво е научното реноме на тој научник, која научна методологија била користена, колку нации се опфатени и која била целта на истражувањето.
За волја на вистината, во написот е даден линк до веб-страницата на Институтот за општествени истражувања од Алстер (УИ), кој води до пдф-документ, кој, пак, содржи вовед на предметниот научен труд. Па, така, читателот може да се запознае со изворот на овие податоци. На таа веб-страница дознаваме и дека автори на книгата се Ричард Лин и Дејвид Бекер.
Но, дури откако читателот ќе спроведе сопствена истрага, пребарувајќи по интернет за да открие за какво научно дело се работи, кои се авторите и колку институтот што ја издал оваа книга е релевантна институција, што кажале другите за него, ќе биде во состојба да донесе свој суд за веродостојноста на информациите што ги прочитал во написот што го рецензираме.
Интернет-истрагата покажува дека имињата на двајцата потписници на овој научен труд се прилично контроверзни фигури во научните кругови, лица чиишто трудови честопати се критикувани, бидејќи континуирано се обидуват да докажат дека интелигенцијата е врзана за национална и расна припадност и оти белата раса и припадниците на нациите што живеат во земји со постудена клима се супериорни во однос на црната раса, на жителите на африканските, централноазиските или, пак, карипските држави. Ова особено важи за професор Ричард Лин, кој e контроверзна научна фигура и кому минатата година му е одземена професорската титула од страна на неговиот матичен Универзитет од Алстер, каде што долги години работел на катедрата за психологија, токму поради неговите научно непоткрепени расистички и шовинистички тврдења. Наводното научно списание што тој го уредува, Mankind Quarterly, претставува вистински гласник на разноразни расни теории и афирмација на фашистички научни теории од типот на еугениката. Всушност, Лин, со една поголема група научници, е пропонент на еугенички ставови, кои одамна се осудени како ненаучни, расистички и назадни од мејнстрим науката, редовен соработник е на ултрадесничарски веб-страници и списанија и миленик на неофашистички фигури во светот.
Сето тоа го нема како податок во написот што е предмет на оваа рецензија. И не само што читателот не е информиран кој и со какви цели тврди дека Македонците се најнеинтелигентен народ на Балканот, туку авторот на текстот не се потрудил ниту да го даде контекстот на податоците што ги објавува за да ја потврди релевантноста на тоа што го објавува, како да се работи за некаква аксиома за која не вреди да се дискутира и треба да се прифати здраво за готово.
Пред неколку години, порталите од Македонија и од регионот споделија едно такво истражување, според кое Македонија има просечен коефициент на интелигенција 91, што е помало од повеќето западноевропски земји, но затоа поголемо од тоа на Албанија, Црна Гора, Србија. И во тој случај медиумите аматерски си ја сработија работната задача и не го дадоа контекстот на истражувањето чии наводни резултати ги објавуваат. Да го стореа тоа, читателите ќе дознаеа дека авторот на ова истражување е истиот Ричард Лин, овојпат во коавторство со Финецот Ванханен, и оти се во прашање истите елитистички и расистичко-шовинистички идеи, кои се наѕираат во заднината и на тоа истражување.
Наместо заклучок на оваа рецензија, следниов коментар: интелигенцијата е едно, но често имаме проблем со непочитувањето на новинарските правила и норми, како во случајот со овој напис.