[Рецензија: Атина му се налути на Заев за „Танец“ ]
Насловот на текстот што го рецензираме не нуди докази дека Атина наводно му се налутила на премиерот Зоран Заев за неговото присуство по повод 70 години од формирањето на „Танец“. Присуствата на премиерите на настани во рамките на своите држави не беше опфатено со Договорот од Преспа, па оттука ниту една од страните нема право да се меша во внатрешните работи на другата држава, за тоа кој каде треба да се појави.
Наслов на текст: Атина му се налути на Заев за „Танец“
Датум на објавување: 1 јули 2019
Датум на рецензирање: 5 јули 2019
Рецензент: Силвана Жежова
Грчките извори не откриваат што е грешката на Заев што заминал на настан на кој се одбележува седум децении од врвниот национален фолклорен ансамбл, кој македонскиот фолклор, култура и историја ја промовира на сите континенти.
Доколку во Атина има реакција за присуството на Заев на одбележувањето на јубилејот на „Танец“, како што се тврди во насловот, треба да се открие грчкиот извор. Во текстот пишува дека има реакции, но не се наведува ниту од каде доаѓаат, ниту, како што и во самиот текст пишува „што била грешката што заминал“. На овој начин текстот има несериозен пристап кон едно „сериозно“ обвинување како што во насловот е претставен „гревот“ на Заев.
Текстот тврди дека Атина го оценила „чекорот на Заев како учество на ’иредентистички‘ настан“, за што повторно нема докази за таа реакција од страна на Грција. Спомениците од античко време да, но фолклорот на „Танец“ никогаш не бил оценет иредентистички, ниту бил предмет на разговор. Интенцијата е да се претстави штетноста на Договорот од Преспа, според кој, на премиерот му е забрането да оди на настани што се од интерес за македонската култура, традиција, идентитет и по кои нè препознаваат во светот.
Голем дел од текстот е напишан на еден неразбирлив јазик, во стилот на „сакам кажам, не знам речам“, бидејќи се измешани политиките на поранешниот премиер Никола Груевски, па надлежностите за поставување директор на „Танец“, па комуникацијата со Атина… На обичниот читател му е тешко да ја разбере поентата на текстот и што сакал авторот да каже со една „каша-попара“ од зборови и контексти.
Текстот наликува на измислен, пласира тврдење „истресенo од ракав“, за кое нема никакви докази, со интенција да се претстави дека Атина се меша во наши внатрешни прашања каде што не ѝ е местото.