Невистина составена од неточни податоци поврзани со носењето маски и од фотографија/плакат или „меме“, кое има основна намена да се исмева со заштитните маски, но во случајот на овој пост, се разбира, како вистина, е објавен неодамна на македонски јазик и е искористен како дел од кампања што се разви против носењето и корисноста на маските во борбата против пандемијата со корона-вирусот
Пост-објава на „Фејсбук“ во која се детектира манипулација со фотографија – хумор, комбинирана со невистинит текст, пропагира неносење и непочитување на мерката за носење заштитни маски како дел од заштита и неширење на пандемијата со корона-вирусот што го продуцира за многумина смртоносното заболување ковид 19.
Објавата е составена од плакат/„меме“ на која се прикажани шест типа маски и текст од авторот на постот кој гласи:
О бо бо, сега пак задолжително маска и на отворено, пак и сам??? Алооо утој, присилно спречување на природен доток на кислород е убиство во обид Почнавте воздухов да го наплаќате 1€ маска, 20€ казна без маска знајме дека севернава вукојебина ви е во тотален колапс банкротирана ви снемвит за плати и пензии и сеа воздух ке наплаќате
FUCK THE SYSTEM
п.с најјака ви е приказнава дека парче текстил или обична маска штитела од “најопасниот вирус” на планетава…
Ваквиот текст е целосна невистина. Тој е поттикнат од најавата на министерот за здравство, Венко Филипче, на прес-конференцијата одржана на 22.9.2020 година, во која тој вели дека во борбата со ширењето на корона-вирусот ќе се преземаат и порадикални мерки за заштита, ако е потребно и дека тоа може да оди дотаму здравствените власти да предложат и носење маски на отворено, дури и кога граѓаните се сами…
Без оглед на дилемите во јавноста дали ваквата евентуална мерка е потребна или не и дали ќе ги даде очекуваните резултати ако биде воведена, авторот на постот веднаш зад таквата опција напишал неколку невистини.
НЕ Е ДОКАЖАНА ХИПОOКСИЈА ОД НОСЕЊЕ МАСКИ
Првата невистина е дека со носењето маски се спречувал дотокот на воздух и оти тоа можело да се смета „за убиство во обид“. Иако постојат многу линкови со кои интернет просторот во земјава и светот е преполн со вакви тврдења, а еден од оние што тоа го аргументираат и од позиција на научен работник е и доктор Вело Марковски, постојат, исто така, бројни линкови во кои стручни лица објаснуваат дека носењето маска не го намалува дотокот на воздух. Напротив, дека маските, доколку правилно се носат, заедно со физичката дистанца остануваат главно оружје во спречување на ширењето на корона-вирусот, се до појавата на вакцините.
Ваквите ставови се предизвикани и од менувањето на ставот на Светската здравствена организација во почетоците на пандемијата, кога оттаму најпрво препорачуваа само заболените да носат маски, а се стигна до препораката за што поширока употреба на маските, некаде во почетокот на јуни. „Вистиномер“, само пред еден ден објави рецензија во која се цитирани редица стручни институционални меѓународни извори, кои тврдат дека носењето на заштитните маски ниту предизвикува канцер ниту, пак, го намалува дотокот на воздух или кислород во човековото тело.
АПЕЛ ДА НЕ СЕ ПОЧИТУВА СИСТЕМОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВСТВО
Во постот натаму се шири тезата дека задолжителното носење заштитни маски во РСМ било за да заработат оние што ги продаваат, како и да се наполнел буџетот зашто снемувало пари, што е комплетен апсурд. Тие маски се и премногу евтини за од нивната продажба да може „да се наполни“ државниот буџет. Од друга страна, пак, ако за 4 месеци има 50 илјади казни за неносење заштитни маски, тоа значи дека по оваа основ во буџетот би влегле максимум 1 милион евра, ако тие изнесуваат по 20 евра и ако сите се наплатат, што претставува капка во „буџетскиот океан“ од 3,9 милијарди евра, колку што се очекува државата да потроши годинава.
Порачувајќи „f**k the system“, т.е. да не се почитуваат мерките и препораките што доаѓаат од државата или од други институции инкорпорирани во системот, сите препораки се ставаат во ист кош, т.е. авторот на постот ги оценува за лажни и непотребни, што е, ем невистинито ем штетно за системот на јавно здравје.
Конечно, последната реченица во постот – најјака ви е приказнава дека парче текстил или обична маска штитела од „најопасниот вирус“ на планетава – е директно поврзана со фотографијата објавена покрај текстот. Но, тука, исто така, станува збор за невистина.
ФОТОГРАФИЈА/„МЕМЕ“ ИСПОЛЗУВАНА КАКО ВИСТИНА ЗА МАСКИТЕ
Имено, фотографијата е плакат или „меме“, кое е доста вирално и на кое се претставени шест лица со различни типови маски. Оваа вирална содржина, која има за цел да го исмее носењето маски против корона-вирусот, опишан како „најсмртносниот вирус во историјата“, е сарказам во кој има претерување. Се разбира дека новиот коронавирус не е ни оддалеку најсмртоносниот вирус. Шпанскиот грип од 1918 година одзел повеќе човечки животи отколку сите жртви во Втората светска војна. Патем речено, носењето заштитни маски во текот на таа пандемија било широко распространето, како што покажуваат овие фотографии. Ебола и Марбург вирусите се неспоредливо посмртоносни од новиот корона-вирус, да спомнеме само два, иако ги има многу, при што смртноста кај овие два вируси е дури 90 отсто, што е далеку, далеку повеќе отколку овој корона-вирус со кој се справуваме денес. Но, вака поставено во постот што го рецензираме, ова „меме“ не може веднаш да биде разбрано од корисниците како форма на исмевање, туку постои опасност да биде разбрано како реална порака дека маските навистина не штитат од корона-вирусот. Па така, на „мемето“ има луѓе кои носат маски што штитат од чад, од фарбите, од пестицидите, па дури и од радијација (иако е добро познато дека ниту една маска не штити од радијација) и на крај е прикажан човек со хируршка заштитна маска, со текст дека се носи „против најсмртносниот вирус во историјата“.
Пребарувањето на интернет покажа дека оригинално ваквото „меме“ се појавило и на сајтот на шпански јазик „Коронавирал“ (и на редица други места на интернет), кој објавува интересни и често смешни вести поврзани со пандемијата. Но, сајтот има и рубрика „мемиња“, каде што се објавуваат најсмешните графички прикази поврзани со корона-вирусот и каде што може да се најде споменато „меме“.
Според тоа, фејсбук-објавата што ја рецензираме и која е составена од текст што е полн со невистини и со „меме“, кое иако има намена на исмевање во постот, се подразбира како вистина, во целост може да се означи како лага. Ваквиот пост е доста вирален и до моментот на рецензија е споделен 60-ина пати и има околу 40 коментари, а е погледнат околу 20 илјади пати.(vistinomer.mk)
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.