„Издишан балон“ против д-р Даниловски околу препораките за „затворање“

Невистина е дека професор Даниловски дава изјави како пробен балон, за власта подоцна да воведе нови рестрикции на слободата на граѓаните, туку единствен и константен мотив му е контрола на ширењето на болеста и одржливост на здравствениот систем… „За жал, секогаш постои едно малцинство (или мнозинство) граѓани кои тврдоглаво манифестираат егоизам, отсуство на емпатија „за својот ближен“, изјави Даниловски неодамна

 

 

Објава на „Фејсбук“ поврзана со таканаречените локдаун-мерки за спречување на ширењето на заразата со актуелниот корона-вирус, содржи невистина, нелогичности и говор на омраза.

Во објавата насловена „Пробен Балон“, цел на напад е професор д-р Драган Даниловски, кој во јавни настапи повеќепати препорачува мерки на одредени затворања на дејности и на движењето на граѓаните, со цел да се спречи експоненцијалниот раст на бројот на новозаразените во земјата. Притоа се наведува:

Еве го повторно. Најекстремниот “стручен” експонент на локалните слуги на глобалната фармакомафија. Ништо не решија, но орни се за разноразни бесмислени “нови мерки”, нови стравови. Него дирижирано го пуштаат секогаш кога треба да се опипа пулсот на граѓаните, да се види дали може да поминат поголеми рестрикции на слободата. Се заговара целосен карантин токму за Велигден, па и за најавениот протест…

Притоа, во објавата пласирана на 11 април, се коментира изјава на Даниловски, дадена на 17 март, а објавена на онлајн-медиум на 18-ти март (!?), т.е. објавата е речиси еден месец подоцна. Оваа дискрепанца во врска со датумите можеби е случајна нелогичност, а може и да не е, за што истиот ден, 11 април, професорот излезе во јавност со уште еден сериозен предлог поврзан со системско справување со биолошките закани, т.е. со потребата од изготвување национална стратегија.

Најнапред, за тврдењето дека „него (Даниловски) дирижирано го пуштаат секогаш кога треба да се опипа пулсот на граѓаните за да видат дали може да поминат поголеми рестрикции на слободата“. Ова тврдење, кое се однесува на извршната власт и на Даниловски, кој е претставен како човек што работи на „копче“ од извршната власт, е невистина. Невистина поради едноставен факт што професорот и тогаш и претходно, уште од самиот почеток на епидемијата во земјава, значи од лани ова време, секогаш бил константен во тврдењата дека во борбата за сузбивање на вирусот треба да се користи тактиката на „удар со чекан“, т.е. епидемиолошки мерки на забрани и затворање и други мерки што ги нуди медицината како наука и практика, со цел општеството успешно да се избори, а, пред сè, да ја контролира состојбата во здравствениот систем (види видео од 18-та минута од март 2020).

 

Власта долго остана глува на барањата за нови мерки

Кога е дадена изјавата на Даниловски, на 17 март оваа година, извршната власт, како и советодавното тело Комисијата за заразни болести, постојано ја уверуваа јавноста дека нема потреба од никакви мерки на затворање, т.е. дека постојните се доволни, заедно со почитување на протоколите и на негрупирањето и носењето маски. Даниловски, гостувајќи на „Телма“ тогаш изјави:

Треба да се спроведе комплетно затворање само за време викенд. Значи еден викенд 24/7 да се затвори општеството. Можеби не на територија на цела држава, туку само на тие подрачја каде што растот на заболени од Ковид-19 е најголем. Тоа значи буквално само продавниците за храна да работат и аптеките. Тоа може да го запре наглиот раст, оваа брзина на растење на бројките со цел да не дојде до колапс на здравствениот системизјави Даниловски.

Ден подоцна и Лекарската комора побара дополнителни рестриктивни мерки, оценувајќи дека се неопходни само за да се зачува здравствениот систем, болничките капацитети и здравствените работници.

Кога професорот ја даде изјавата, на 17 март 2021, бројот на новозаразени и на активни случаи на дневно ниво изнесуваше 1.293, односно вкупно активни 12.819 (види тука). Власта, за која во објавата што е предмет на оваа рецензија, се тврди дека управува со Даниловски, тогаш изјавуваше дека нема потреба од дополнителни мерки (изјава на министерот Филипче на 20.3.2021), па повторно го тврдеше истото 6 дена подоцна (Одлука на Комисијата за заразни болести), за конечно, на 5.4.2021, кога бројот на активните случаи изнесуваше 20.802, да признае дека дополнителни мерки се потребни и тоа токму поради немањето болнички кревети и здравствените работници. Проблемот на тестови не е проблем, туку хоспитализациите се”, (Изјава на д-р Жарко Караџовски, претседател на Коисијата за заразни болести).

Како што може да се види од приложените факти, невистина е дека професор Даниловски дава изјави како пробен балон, за власта подоцна да воведе нови рестрикции на слободата на граѓаните, туку единствен и константен мотив му е контрола на ширењето на болеста и одржливост на здравствениот систем.

Според тоа, невистина е и тврдењето дека д-р Даниловски е „стручен“ експонент на локалните слуги на глобалната фармакомафија, со нагласка, дека стручноста на универзитетскиот професор е недвојбена, за што сведочи и неговата професионална биографија. Тој цели триесет и девет години е професор на Медицинскиот факултет при УКИМ и раководител на Институт за епидемиологија и биостатистика, во земја, во која, за жал, дел од населението не е свесно за значењето на професијата професор.

Даниловски: Егоисти без емпатија секогаш има

На крајoт, не без значење за оценка на небулозите во постот, е и фактот дека во последната реченица е пласиран говор на омраза, при што авторот се радува на „целосниот карантин“ на недоредено време за професор Даниловски и дека „тој убав час се наближува“.

Професорот, за сите вакви противници на методите за кои научно се застапува, неодамна изјави:

За жал, секогаш постои едно малцинство (или мнозинство) граѓани кои тврдоглаво манифестираат егоизам, отсуство на емпатија „за својот ближен“. Тој егоизам директно ја компромитира целта на државата за зачувување на јавниот интерес, јавното здравје. Така, станува залудно одговорното однесување на оној друг сегмент граѓани, вели д-р Даниловски

 

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.