Наспроти тврдењето во овој пост, од МВР за „Вистиномер“ изјавија дека Министерството не поседува коњи повеќе од 10 години. Исто така, во архивите на медиумите во Македонија пронајдовме низа написи од 2002 година, од кои навистина се потврдува дека медиумите уште тогаш известувале оти коњаницата веќе не е сопственост на МВР
Рецензираме вест со пост на „Фејсбук“ во којашто се тврди дека бил украден полициски коњ од одделението на МВР во Хиподром. Иако, во обид да се огради, непотпишаниот автор го ставил насловот под знак прашалник и искоментирал дека случката е неверојатна, сепак, во самиот текст, веста е претставена како потврдена информација и тоа од извори од МВР.
Коњ бил украден од одделението за тренирање на полициски животни во Хиподром. Вредноста на ова животно кое го поседува полицијата е над 50 илјади евра затоа што се работи за професионално трениран коњ, кој Ѝ помага на полицијата, пишува во текстот објавен на 8 април.
Исто така, се додава и дека наводниот и анонимен извор бил близок до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и оти коњот бил украден од одделение каде што се тренираат и полициски кучиња, а каде имало огромно обезбедување на МВР.
Дополнително, анонимниот извор тврдел и дека ова животно „можело да го украде само некој од внатре, зашто се работи за обезбедена локација“. И за да му се даде комплетно неповрзан контекст на непостојниот настан, се кажува дека наводниот извор бил „крајно незадоволен од тоа што овој случај се крие, како што долго време се криел случајот со незаконски извадените лични карти”.
Текстот не е објавен во рубриката сатира, туку во рубриката „Хроника“ и е илустриран со фотомонтажа од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски качен на коњ пред зградата на МВР.
Од МВР за „Вистиномер“ официјално тврдат дека Министерството не поседува коњи повеќе од 10 години.
Kоњот е сопственост на коњички клуб и откако избегал, бил пронајден, ни рекоа од МВР.
Во текстот не се забележува обид да се провери информацијата официјално.
Пребаравме и во архивите на медиумите во Македонија и пронајдовме низа написи од 2002 година, од кои навистина се потврдува дека медиумите уште тогаш известувале оти коњаницата веќе не е сопственост на МВР.
Ергелата на МВР составена од 21 расно грло му е предадена на користење на државниот спортски клуб за коњички спортови „Хиподром“. Со примопредавањето на, како што се вели во одлуката на владата од 11 декември, основните средства за работа на полицијата, коњите, официјално престана со работа и станицата за полициска коњица „Хиподром“. Зоран Крстевски, советник на Министерот за внатрешни работи, пред свечениот чин изјави дека МВР нема потреба од ергела и заради развојот на коњичкиот спорт во Македонија, 21 коњ му се подарени на клубот, објавила телевизија А1 во 2002 година.
Доцна попладнето на 9 април, пак, медиумите објавија дека полициски службеници од Гази Баба го пронајдоа украдениот арапски коњ чија вредност се проценува до 50.000 евра, кој бил украден во средата навечер за време на полицискиот час, и му го вратиле на сопственикот.
Од МВР за „Вистиномер“ тврдат дека коњот не бил украден, туку избегал, а полициски службеници го пронашле и го вратиле во коњичкиот клуб.
Оттука, имајќи ги предвид овие факти, како и официјално добиениот став од Министерството за внатрешни работи дека не поседуваат ниту еден коњ, информацијата дека коњот е сопственост на МВР ја оценуваме како невистина.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.