Самата пријава на ВАЕРС не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, старост – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана. Тоа што авторката на видеото не го кажува е дека самиот ВАЕРС систем наведува оти индивидуалните случаи што се пријавени, а кои таа ги листа на видеото, не се потврдени. Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти во САД изјавила дека пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи, а тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот
Рецензираме вирално видео, коешто е прегледано над 12 илјади пати, а во кое за корисниците на интернет авторката наведува, наводно, ексклузивни информации коишто не се емитувале на традиционалните медиуми, а во нив како што тврди таа, се смртните случаи коишто се пријавени од вакцината против ковид-19.
Таа влегува на сајтот на американскиот федерален систем за пријавување несакани ефекти од вакцинација (ВАЕРС) и со напредно пребарување ги извлекува сите пријавени случаи на смрт по вакцинацијата против ковид-19 за јануари и февруари во САД.
Проверете самите пред да се вакцинирате. Еве ви чекор по чекор како На македонски е видеово. На македонски ви е објаснето. Проверете самите колку смрт има од ковид 19 вакцините, а не ви е кажано никаде. Проверете сами! Еве ви официјална страна со чекор по чекор се опишано, се наведува во описот над видеото.
Но, дали листа од пријави на ВАЕРС докажува дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат смрт? Апсолутно НЕ!
ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ
Фактите се следните:
Информациите коишто авторката на видеото ги претставува како некакво „скриено богатство“, коешто ќе ги просветли граѓаните, односно ќе им даде дополнителни информации, кои, инаку, традиционалните медиуми ги кријат, се јавно достапни и транспарентно објавени. Штом самата авторка на видеото пристапува до нив, тоа значи дека тие не се скриени, ниту тешки за пребарување. Потребно е само во дата-базата да се наведат специфичните параметри што таа ги пребарува, а кои во случајов се смрт и сериозни реакции, за дата-базата да ги исфрли токму тие барани информации. Толку за наводното „криење” на информациите.
Да се каже дека има „многу” починати од вакцините, а да не се каже колкав е бројот на вакцинирани граѓани и притоа да не се земат предвид фактите дека други здравствени состојби, односно коморбидитети како и други фактори, можеби влијаеле на смртта што настапила по вакцината, исто така, е замајување на јавноста со непотполни информации.
Тоа што некој починал по администрирана вакцина не покажува причинско последична врска со самата вакцина. Самата пријава на ВАЕРС, не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, старост – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана.
Тоа што авторката на видеото не го кажува е дека самиот ВАЕРС систем наведува оти индивидуалните случаи кои се пријавени, а кои таа ги листа на видеото, не се потврдени. Системот дополнително не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти што се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.
Во видеоматеријалот, не може да се види колку години имаат починатите луѓе што ги споменува авторката, дали имале претходни заболувања, дали се навистина многу или малку, само детално се гледаат пријавите онака како што ги поднел некој близок на починатите, а не е испитано, ниту објавено од страна на ВАЕРС дека во овие случаи смртта настанала како последица на вакцината против ковид-19.
РАН СИСТЕМ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ
ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број груби и дури и недоверливи информации се спојуваат за да се најдaт врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив не се потврдени и верифицирани, станува збор за случаи каде со самопријавување се даваат информации и тие не се поентата на пристапот на ВАЕРС, односно нивната цел! Станува збор за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење!
Не беше можно да ги пребараме конкретните пациенти што авторката на видеото ги посочува, затоа што на видеото не се прикажани нивните генералии, но сосема е можно тие пријави да се однесуваат на пациенти со коморбидитети, можеби хоспитализирани подолг период.
БРЗА ДЕТЕКЦИЈА НА НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ
Изоставен е важен контекст. Примарната и основна цел на ВАЕРС системот за пријавување е брза детекција на ретки несакани настани. Со други зборови, целата оваа група на извештаи и пријави на несакани ефекти е корисна само во агрегатот, а многу помалку во секој еден индивидуален случај. Причината за тоа е зашто се бараат сличности меѓу случаите.
Сосема манипулативно и лажно е тврдењето дека од видеото ќе се дојде до докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат смрт. Неточно е и дека податоците се скриени и оти од инструкциите на авторката што го поставила видеото, граѓаните ќе се информираат за оваа „чувана тајна”. Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео, во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено од 2015 година.
Во ова видео во 11 минута и 36 секунда е наведено:
Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.
Дополнително во видеошто што го рецензираме не се земени предвид и следните факти што самиот систем ги наведува како забелешка:
Тие што ја администрираат вакцината се охрабрени да ги пријавуваат важните здравствени проблеми по вакцинацијата на ВАЕРС, без разлика на тоа дали веруваат или не, дека самата вакцина е причина за нив. Пријавите смее да вклучуваат непотполни, неточни, коинцидентни или неверификувани информации. Бројот на пријави не смее да се интерпретира или да се користи за да се донесуваат заклучоци за постоењето, сериозноста, интензитетот, фреквентноста или стапката на проблемите што се поврзуваат со вакцините и ВАЕРС податоците треба да се интерпретираат во контекст на други научни информации.
НЕВЕРИФИКУВАНИ ИЗВЕШТАИ
Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти во САД изјавила:
Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број смртни случаи, тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме сериозно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражува заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.
Сите овие изјави и забелешки за тоа како да се толкуваат пријавите на ВАЕРС, кои јасно се посочени на нивната страница, сѐ со цел да не се шират антивакцинални наративи и паника дека вакцината предизвикува смртност, како што тоа го прави авторката на видеото.
Откако пријавата ќе дојде во ВАЕРС, следува долго и темелно испитување на медицинската историја на секој пациент, се бараат заеднички нус-ефекти од вакцините во големи дата-бази и тие податоци се разгледуваат во контекст на поширока медицинска истражувачка пракса, а не само со скролање на екран, каде таксативно се наведени информации.
Оттука, бидејќи и самиот систем тоа јасно го нагласува, да се каже дека пријавените случаи на ВАЕРС се еквивалент на смрт од вакцина е лажно тврдење, кое ја доведува јавноста во заблуда.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.