Нашата проверка покажа дека настанот не е вистински, туку е многу стара измислена приказна, којашто циркулира на интернет 17 години. Првпат таа почнува да се препраќа по мејл во 2004 година, со наслов: „Приказни и чуда од Египет”. Не постојат никакви медиумски покривања на настанот. Кога ваков настан навистина би се случил, тој би го зграпчил вниманието на сите светски и локални египетски медиуми
Рецензираме фејсбук-пост, во којшто е пренесена измислена приказна за маж муслиман во Египет, кој наводно ја убил сопругата зашто таа ја читала Библијата. Во постот се тврди и дека откако ја убил сопругата, тој ја закопал заедно со нивните две живи деца, по што девојчињата биле пронајдени живи под земја, за што имало и интервју со нив на Египетската национална телевизија. Сите овие измислени настани се прераскажани со цел да се покаже дека Бог прави чуда!
Поголемото девојче откако малку закрепнала, било испрашувана – како така успеале да преживеат толку дена. Таа раскажувала: “Еден човек, облечен во блескаво бели алишта, со крвави рани на рацете, доаѓаше секој ден кај нас и не хранеше. Тој ја будеше мајка му, за да може таа да ја надои сестра ми. ” Девојчето било однесено во Египетската Национална телевизија, и со неа направиле интервју. Фасцинантно било што водителката на емисијата била муслиманка, и покрај тоа емисијата течела беспрекорно. Таа рекла (водителката): “Овој човек не бил никој друг, а Исус, бидејќи никој друг не би можел да изврши такво нешто!” Муслиманите веруваат дека Иса (Исус) би го направил тоа, но раните во Неговите раце значат дека Тој навистина бил распнат на крст и е сосема јасно дека Исус е жив! Едно дете не би можело да измисли ваква приказна, и без вистинско чудо факт е дека не е можно овие две дечиња да преживеат, (завршила водителката). Таткото бил фатен и осуден на смртна казна, се вели во постот што го рецензираме.
Меѓутоа, ниту ваков настан се случил ниту Египетската национална телевизија или која било друга направила интервју со преживеаното девојче, затоа што тоа не постои. Сепак, ваквата измислена сторија е искористена за воздигнување на христијанската вера, за сметка на муслиманската вера:
Ќе биде доста тешко за муслиманските лидери да одлучат што да прават со она што се случи токму кај нив. Треба да бидете сигурни дека оваа вистинска приказна ќе се рашири многу брзо, бидејќи и така Египет е во центарот на настаните, Христос продолжува да го обрнува светот поинаку и да го менува!, се вели во постот.
Но, нашата проверка на факти, покажа дека настанот не е вистински, туку е многу стара измислена приказна, којашто циркулира на интернет 17 години.
Првпат таа почнува да се препраќа по мејл во 2004 година, со наслов: ,,Приказни и чуда од Египет”. Не постојат никакви медиумски покривања на настанот, не постои интервјуто, наводно, направено на Египетската национална телевизија, а првичната верзија од 2004 година, е атрибуирана како „приказна што некој ја раскажал на протестантски пастир“, односно атрибуирана е на анонимен извор.
Во подоцнежната верзија од истиот измислен настан додаден е делот дека жената ја читала Библијата (тоа е наведено како причина за убиството), што го нема во првичната верзија од 2004 година.
Па, така, по принципот расипан телефон приказната е на интернет-просторот веќе 17 години.
Сајтот Hoax slayer во 2018 година, за оваа измислена приказна пишува:
Чудо како ова опишано во приказната би било детално истражено од страна на муслиманските и христијанските организации. Тоталното отсуство на какви било кредибилни информации за инволвираните во приказната како и апсурдноста на тврдењата, покажува дека таа е чедо на чиста фикција. Дури и кога е комплетно фиктивна, една ваква приказна има свое место да ја зацврсти верата на одредена верска заедница и да зацврсти одреден светоглед. Но, наместо да биде приказна која ќе го промовира христијанскиот идеал, ова парче глупости има намера да ја поткопа и да ја омаловажи муслиманската вера. Во свет кој е вознемируван од насилство и недоразбирања базирани на верата, лажни приказни како оваа може само да придодадат на постоечките разлики. Нивното циркулирање не прави никакво добро, пишува во текстот.
За одбележување е и дека сторијата не споменува име и презиме на наводниот сторител на непостојното убиство или извор на информации од Египет. Кога ваков настан навистина би се случил, тој би го зграпчил вниманието на сите светски и локални египетски медиуми.
Имајќи го предвид сето тоа, оценуваме дека оваа информација која се споделува на „Фејсбук“ е лажна.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.