Не е точно дека СЗО не дозволува обдукции на починати од ковид-19

„Големото откритие“ претставено во овој пост на „Фејсбук“, всушност, е една голема манипулација. Оваа објава, со оглед на тоа дека е вирална и има над 1.000 споделувања, а се шири и на „Вибер“, претставува и една голема опасност и ризик за општото здравје, особено доколку некој поверува во ова што е напишано и се лекува самостојно со апчињата и терапиите што се наведени во постот, без претходна консултација со лекар

 

Фејсбук-објава лажно тврди дека Светската здравствена организација не дозволува обдукција на починати од ковид-19 и дека ковид-19 не постои како вирус, туку е бактерија и тоа ни помалку ни повеќе, туку бактерија изложена на 5Г-зраци!

Овие заклучоци се добиени откако, наводно, доктори од Русија први направиле обдукција на починати од ковид-19 и дошле до откритие дека ковид-19 е глобална измама. Овие тврдења ги оценуваме како невистинити.

Лекарите во Русија го кршат законот на Светската здравствена организација (СЗО), кој не дозволува обдукција на лица со ковид-19. По одредено време на научно откритие, не може да се претпостави дека станува збор за вирус, туку бактерии кои предизвикуваат смрт и доведуваат до формирање на тромби во вените и нервите од кои пациентот умира поради овие бактерии. Русија го победи вирусот и рече „нема ништо друго освен коагулација на крвните садови (тромбоза), а методот на лекување е лековит“.

Прво, Светската здравствена организација (СЗО) не носи закони. Тие даваат препораки, но не се институција која може да носи уредби со законска сила. Второ и уште поважно е дека СЗО никогаш не забранила обдукција на починати од коронавирус. Напротив, обдукции се прават секаде каде што за тоа има потреба. Вистината е дека СЗО никогаш не рекла дека не смеат да се прават обдукции, туку дека треба да се преземат што повеќе мерки на заштита при таквите обдукции и препорачуваат тие аутопсии да се прават со голема внимателност. Но, невистина е дека ги забранува.

Споделете ги овие информации со вашето семејство, соседи, пријатели, пријатели, колеги за да можат да се ослободат од стравот од ковид-19 и да разберат дека тоа не е вирус, туку само бактерии изложени на 5 Г зраци.

Да се тврди дека ковид-19 не е вирус, туку бактерија, освен што не е точно е и неодговорно. Ова го разобличува и СЗО во посебната секција на нивната веб-страница наменета за побивање митови за корона-вирусот.

Оттаму објаснуваат дека некои луѓе што ќе се заразат со вирусот може да развијат бактериска инфекција како компликација, и дека тогаш ќе бидат потребни антибиотици како начин на лекување. Но, факт за вирусот како таков, антибоиотиците не делуваат бидејќи со нив се лекуваат бактерии, а не вируси.

И повторно се спомнува 5Г-мобилната мрежа, што апсолутно е надвор од секоја логика. Мобилната 5Г-мрежа никако не влијае ниту на вируси ниту на бактерии и не може да шири болести. Ковид-19 има и во земји каде што нема 5Г-мрежи. Вистината е дека оваа болест се шири преку респираторни капки кога заразено лице кашла, кива или зборува, а не преку мобилни мрежи.

Во текстот нема ништо што може да ги потврди изнесените тврдења, ниту се понудени релевантни истражувања од релевантни институции. Нема ниту еден доказ за ниту една од пласираните информации.

Се тврди дека ова го заклучиле лекари од Русија, но не е посочено ниту кои лекари, ниту кога го истражиле ова, ниту има точен извор каде што може да се прочита нивен труд или истражувања. Целосно е неточно дека руското министерство за здравство го сменило протоколот за третман на ковид-19 и дека ослободиле и пратиле дома повеќе од 14.000 пациенти за еден ден. Ваква одлука не може да се најде на ни еден од официјалните комуникациски канали на министерството.

Се поставува прашањето дали воопшто постојат вакви лекари или ова е чиста измислица? Се разбира дека сè што е наведено во текстот е чиста измислица. Вака претставеното наводно „големо откритие“ е всушност една голема манипулација. Оваа објава, со оглед на тоа дека е вирална и има над 1.000 споделувања, а се шири и на „Вибер“, преставува и една голема опасност и ризик за општото здравје, особено доколку некој поверува во ова што е напишано и се лекува самостојно со апчињата и терапиите што се наведени во постот, без претходна консултација со лекар.

Слична, речиси иста ваква фејсбук-објава, екипата на „Вистиномер“ рецензира во ноември минатата година, само во таа објава наводните доктори се претставени како германски.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела