Измислица е дека вакцините се стари 5 години и со поминат рок

Објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ тврди дека вакцините на ковид-19 се произведени пред 5 години и се со поминат рок. Ова, освен што е лажна вест, нема ниту никаква логика, ни допир со реалноста.

Да не речете после не сме Ви кажале, вакцините за ковид 19че се со поминат рок. Според нашиот свиркач, кој е шајка со оние од СЗО, вакцините се приизведени пред 5 години.

Оваа бесмислена објава го привлекла вниманието на еден куп корисници на социјални мрежи. Има над 380 интеракции (споделувања, коментари и реакции).

Ковид-19 е болеста предизвикана од новиот корона-вирус наречен САРС-КоВ-2. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), вирусот прв пат е регистриран на 31 декември 2019 година, откако се појавил кластер на „вирусна пневмонија“ во Вухан, Народна Република Кина.

Оттогаш, па навака неколку фармацевтски компании работат на изнаоѓање соодветни, безбедни и ефективни вакцини кои што ќе бидат одговор на овој нов вирус.

Во фејсбук-објавата се тврди дека вакцините се произведени пред пет години и се со поминат рок, но не е појаснето за кои вакцини станува збор. Практично е невозможно сите одобрени и неодобрени вакцини, кои се околу 50 на број, да се во исто време произведени и сите да се со поминат рок.

Притоа, процесот на производство и чување на вакцини не се прави туку-така, ами подлежи на строги протоколи и контроли од СЗО. Откако ќе се докаже дека вакцините се безбедни и ефикасни, тие мора да бидат одобрени од националните регулатори, потоа се произведуваат според строги стандарди и соодветно се дистрибуираат.

Па, оттука се поставува прашањето како може вакцината за нов вирус, кој постои нешто помалку една година, да биде стара 5 години? Како може вакцини кои сè уште не се произвеле да бидат со поминат рок? Одговорот е едноставен: не може. Затоа оваа објава е бесмислена и невистинита.

За производството и дистрибуцијата на вкацините има и видеоклипови снимени од страна на реномирани медиумски организации барем кога станува збор за првата вакцина на производителот „Фајзер3. На пример, во овој видеоклип од 2 декември, значи само од пред 2 недели, има кадри од производството на вакцината, објавени од реномираниот британски „Скајњуз“, а еве уште еднo видео од дистрибуцијата на вакцината од 13 декември, објавено од „Си-би-ес њуз“, една од трите национални комерцијални терестријални телевизиски станици во САД, која е, исто така, реномирана и која постои со децении. Едноставно, невозможно е некој да може да ги измами овие два медиума од два различни континента, покрај уште десетиците други кои снимија и објавија слични снимки и тоа да не се открие. Како што е невозможно и сите тие медиуми да се дел од заговорот, зашто тоа би значело дека за него знаат стотици, ако не и илјадници луѓе и никој да не проговори и да не разоткрие еден таков наводен заговор.

Оваа објава е дел од кампањата против вакцините и вакцинирањето што масовно се шири преку различни видови лажни објави. Вакви објави имаат цел да ја убедат јавноста дека вакцините се штетни и претендираат да го одвратат населението од вакцинирање, кое е единствениот спас светот да се избори со овој нов вирус, кој веќе зарази над 70 милиони луѓе, а животот го загубија 1.6 милион.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.