Овој едукативен напис е првобитно објавен од Сервисот за проверка на факти од медиумите и КриТинк го реобјавува во функција на информирање на јавноста за теми поврзани со медиумската писменост и критичкото мислење.
Кога се случува една природна катастрофа, поплави, земјотрес, цунами итн., обично медиумот известувањето за катастрофата го остварува во две фази: првата е таа на вонредните изданија (breaking news – вонредни вести), веднаш по катастрофата, кога луѓето сè уште се соочуваат со првите последици од катастрофата, додека втората фаза е фазата на вообичаеното информирање по нормализација на ситуацијата, со опширни објаснувања од повеќето аспекти на феноменот и на последиците
Пишува: Фатлуме Дервиши (22.08.2016 г.)
Повеќе од две недели медиумите известуваат за штетите и за последиците од поплавите во скопската околија, кои со интензитетот што го имаа, не се памти да се случиле порано ниту од најстарите генерации од зоната. Коментирајќи ја потребата за истражувања на причините на катастрофата што се случи во Скопје, во оваа фаза, кога уште нема ништо конкретно во оваа насока, ќе реферираме првин како кон природна катастрофа.
Освен за оштетените, нивните блиски и за државните институции, ова беше еден предизвик и за новинарите. Постојат некои правила, неколку напишани, а и други сугестии од новинари што поминале вакви искуства, како да се постапува во вакви случаи. Освен што треба да се биде професионалец, новинарот треба да биде и човечен, воздржан и, нормално, да води сметка за себеси, бидејќи на терен каде што само што се случила една катастрофа, има потенцијална опасност и за безбедноста на самиот новинар.
Кога се случува една природна катастрофа, поплави, земјотрес, цунами итн., обично медиумот известувањето за катастрофата го остварува во две фази: првата е таа на вонредните изданија (breaking news – вонредни вести), веднаш по катастрофата, кога луѓето сè уште се соочуваат со првите последици од катастрофата, додека втората фаза е фазата на вообичаеното информирање по нормализација на ситуацијата, со опширни објаснувања од повеќето аспекти на феноменот и на последиците.
Поголем предизвик е првата фаза.
Вонредни вести
Освен со уништена инфраструктура што го отежнува слободното движење за инспекција на зоната, новинарот се соочува и со други непријатни ситуации кои се однесуваат на емоционалната состојба на оштетените. Комуникацијата со нив може да биде тешка, но новинарот треба да има разбирање. Тие доживеале трауми, материјална штета или и загуба на најблиските.
За време на првите известувања, често нема официјални податоци за ранети, изчезнати или бројка на можни жртви. Нема ни информации за големината на материјалната штета. Сè што може да направи новинарот за јавноста што го следи е да го опише теренот, да ги каже деталите што ги гледа, звуците, па дури и мирисот што го чувствува и да каже што се прави за да им се помогне на оштетените. Во зависност од условите во кои се наоѓа погодената зона (бидејќи шансите се големи да биде оштетена и електричната мрежа), доколку оштетените се дел од јавноста и може да ги следат вестите, новинарот треба да ги извести како да останат безбедни и доколку имаат потреба, и да ги упати каде можат да се обратат за помош. Не треба да се создаде паника во јавноста. Тоа не му помага никому.
Доколку новинарот има информации, важно е да го опише можното сценарио како може да се случило сето тоа, од што е предизвикано и како дошло до оштетување на населбите. Но, и во овие случаи, не треба да се забораваат основните начела на професијата, не треба да се прават обвиненија и да се именуваат виновници сè додека нема силни докази што ги подржуваат овие тврдења.
Жителите се неопходен извор на информација за тоа како се случил настанот. Тие може сами со своја уста да кажат дали имаат идеја кој бил причинител на катастрофата и да зборуваат за нивната состојба по катастрофата. Но, секогаш треба да се има предвид тешката психолошка состојба во која се наоѓаат погодените за време на разговорот. Жителот кој се интервјуира од новинарот може да биде повреден или да изгубил некој близок, затоа новинарот треба да биде многу чувствителен и да има разбирање и да го третира соговорникот со поголемо внимание.
ЕТИЧКИ КОДЕКС:
Кога известуваат за настани што предизвикале лични трагедии, болка и шок – новинарите, фоторепортерите и камерманите треба да покажат сочуство, дискреција и претпазливост.
Новинарот треба да внимава за време на неговата работа на терен да не им пречи на работните тимови што дејствуваат за да ја превенираат катастрофата или, пак, за да ги спречат последиците од неа.
Идентификација на жртвите
Сè додека состојбата на местото на катастрофата продолжува да биде хаотична, просторот неисчистен и неинспектиран од властите, не се препорачува новинарот да спомне имиња на жртви, дури и ако тие имиња се потврдуваат од жителите на зоната. Има големи шанси во таа состојба жителите да разбрале погрешно. Од друга страна, и да е вистина, можно е неговите блиски сè уште да не дознале. Новинарот секогаш се бори за ексклузивност, но не и во овој случај. Над сензацијата стои сочувството, приватноста и достоинството на семејството на жртвата.
ЕТИЧКИ КОДЕКС:
При известувањето треба да води сметка за семејството на жртвата, да не им се зголеми болката, но и да не се помогне нивна „ анатемизација“.
Имињата на жртвите доаѓаат до израз за јавноста тогаш кога се официјално потврдени од Министерството за внатрешни работи.
ЕТИЧКИ КОДЕКС:
Имињата и фотографиите на изчезнатите може да се објават, но само во договор со семејството и со надлежните органи.
Лична нега
Во вакви ситуации, и новинарот работи во вонредни услови. Тогаш, важно е да се грижи и за себе:
- Да биде внимателен за да остане безбеден;
- Да понесе храна;
- Да носи соодветна облека.
Истражување
По завршување на првата фаза на информирањето за катастрофата и по враќање на нормалните изданија, новинарот може да се наврати на тоа што се случило за да го анализира во детали. Истражувањата треба да се направат во аспектот дали можело и како можело да се превенира катастрофата, дали била во ред инфраструктурата, што не функционирало и што можело да функционира подобро.
Независно што по некое време вниманието се преместува делумно и во други настани, новинарот одвреме-навреме се враќа во местото на настанот за да дознае како погодените луѓе се трудат да се вратат во нормала и каква лекција би можела ова да биде во иднина. При работата на терен по катастрофата, тој собира докази и сведочења од жителите кои може да помогнат во истражувањето, за да види дали одговорните власти можеле да превенираат една ваква катастрофа и не го направиле тоа. Ова може да му служи на новинарот за јавно да побара сметка од нив во име на јавниот интерес, како и претходно да алармира за други случаи што претставуваат потенцијален ризик за една слична катастрофа.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).