Каде е веста во оваа вест

 

[Рецензија: Младите уште од средно училиште размислуваат да си одат од земјава]

 

На самиот почеток, со насловот, овој напис тврди дека младите уште од средно училиште размислуваат да си заминат од земјата. Ова погрешно го наведува читателот да помисли дека ваквата констатација е извадена од релевантно истражување направено меѓу средношколците во Македонија. Но, во него нема ниту релевантно ниту истражување. Нафрлени се заклучоци за кои не е јасно од каде потекнуваат, ниту како се добиени.

Линк до оригиналниот напис: Младите уште од средно училиште размислуваат да си одат од земјава

Датум и време на објавување: 12.3.2019

Датум на рецензирање: 12.3.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Иако насловот вели „младите“, подолу во текстот се вели дека станува збор за талентирани млади. Но, сè уште не е јасно кои се тие млади. Ниту кој е нивниот талент. Ниту зошто сакаат да си заминат од земјата.

Се парафразираат наводни изјави од млади дека не се задоволни од образованиот систем, но нема ниту една изјава од таков млад човек кој кажува зошто е незадоволен. Се вели дека младите освојуваат награди по натпревари, но не е познато какви се тие награди и кои се тие натпревари. Само паушално нафрлени информации .

Понатаму, написот вели дека меѓународните институции критикуваат оти образованието во земјава, за разлика од соседството, се влошува.

Се поставува прашањето кои меѓународни институции? Недостасува податок врз основа на што е донесен заклучок оти образованието тука е полошо во споредба со соседството. Нема наведено никакви истражувања и/или податоци што можат да ја докажат оваа констатација.

На крајот од написот, сосема погрешно, се наоѓа замаскирано нешто што би можело да биде главната вест, според која во овој период се прави концепт за да им се помогне на овие деца. Но и тука само се парафразира некаква анонимна изјава од неименувано лице од Фондот за иновации и технолошки развој без повеќе детали, што прави информацијата да виси во воздух недокажана.

Сè на сè, написот е празен, исполнет со непотврдени и изопштени констатации со што ги манипулира читателите. Недостасуваат извори, изјави, податоци или нешто што би ги потврдило напишаните тврдења.

Веста воопшто не ги исполнува основните новинарски правила. Не одговора на речиси ниедно од важните прашања (кој, што, кога, каде, како…), кои мора да ги одговори секоја вест и тоа особено вест што се зафаќа со едно од најгорливите прашања на денешнината.