Како луѓето реагираат на пандемија не е критериум за нејзината ,,вистинитост”

Кога се тврди дека постојано се менуваат правилата на заштита, тоа е дезинформација. Од самиот старт маската, дистанцата и редовното миење и дезинфекција на рацете се константа. Тоа дека во вистинска пандемија луѓето се плашат од смрт, а во лажна пандемија се плашат од парични казни, исто така, е дезинформација и прашање на субјективно доживување

Вирален пост на Фејсбук на српски јазик, споделен над 65 пати од еден корисник во Македонија, шири дезинформации, алудирајќи дека пандемијата со коронавирусот е исценирана, притоа не базирајќи го тоа на никакви научни, медицински ниту епидемиолошки издржани факти, туку фокусирајќи се на однесувањето на некои субјекти во општеството, како и на навиките и начинот на кој јавноста реагира на пандемијата. Од самото тоа што во графата ,,исценирана пандемија” се наведуваат поведенија кои што во текот на пандемијата се случија, како, на пример, тоа што луѓето масовно купуваа тоалетна хартија, се добива впечаток дека десната графа од споделената фотографија се однесува на ,,исценирана пандемија”. Меѓутоа, наведеното во графата ,,исценирана пандемија” содржи грст дезинформации.

Прво, се тврди дека ,,случаите на болеста исклучиво се познати од медиумските приказни“. И после повеќе од седум месеци пандемија на глобално ниво, во сите земји од светот, после мноштво споделени искуства на оние што ја преживеаа болеста Ковид-19, ова се користи како ,,аргумент” дека пандемијата е лажна. Меѓутоа, во Македонија бројните медиумски приказни за оние кои се извлечиле од коронавирусот се темелат на нивните искуства, симптоми, терапиите што ги користеле, начинот на кој се заразиле и имаат за цел едукација и подигнување на свесноста кај граѓаните за почитување на мерките и реалноста на пандемијата. Тоа што се тврди дека во вистинска пандемија секој човек познава барем еден член од семејството или непосредното опкружување, кој е тешко болен, за многумина во земјава е вистина. Дали некој ќе познава или не тешко болен во непосредната околина или во семејството, не значи ништо посебно за да се окарактеризира една пандемија како лажна. За оние кои изгубиле член на семејството како резултат на коронавирусот, пандемијата е стопроцентно вистинита.

БОЛНИЦИТЕ, ЗА ЖАЛ, СЕ ПОЛНАТ И НОВИ СЕ ГРАДАТ

Второ, се тврди дека во вистинска пандемија ординациите и болниците се преполни. За жал, тоа сценарио веќе почнува да се реализира во Македонија, каде на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во функција е ставена и модуларната болница и е мобилизиран кадар за да работи со новиот наплив на пациенти со Ковид-19. Меѓутоа, тоа што болниците не беа полни, не значи дека пандемијата не беше вистинска, туку дека бројот на пациенти кои беа хоспитализирани не беше поголем отколку капацитетите. Во ноември во функција ќе бидат ставени уште 16 модуларни болници ширум земјата. Преполни болници не се индикатор за вистинска или лажна епидемија, туку индикатор како една држава се справува со епидемијата. Преполни болници се лош индикатор, но не се мерило за ,,вистинитост или невистинитост на пандемија”.

Трето, се тврди дека во вистинска епидемија има многу многу голем број мртви, а во лажна, смртноста е непроменета. Смртноста од Ковид-19 досега во светски рамки е 1.12 милиони луѓе. За секое семејство на починатите, тоа е многу, многу голема бројка. Кога се тврди дека пандемијата не е вистинска зашто политичарите ,,ги застрашуваат луѓето наместо да ги смируваат“, ова не е базирано на медицински или епидемиолошки параметри, туку на субјективно доживување на фактичка состојба. Како еден човек ќе доживее информација за дневен број заразени и починати, е субјективно, но повторно неповрзано со објективното постоење на пандемијата.

Инаку, колку е вистинита пандемијата и колку нагло почна да расте бројот на починати откако се разгоре епидемијата годинава, споредено со лани, преклани и во 2017 година, во градови како Њујорк и Истанбул и држави како Велика Британија, Шпанија и Еквадор, може да се види во ова видео.

Кога се тврди дека постојано се менуваат правилата на заштита, тоа е дезинформација. Од самиот старт маската, дистанцата и редовното миење и дезинфекција на рацете се константа. Тоа дека во вистинска пандемија луѓето се плашат од смрт, а во лажна пандемија се плашат од парични казни, исто така, е дезинформација и прашање на субјективно доживување.

ШТО Е ПАНДЕМИЈА?

Ниту еден од наведените параметри за лажна или вистинска пандемија не е медицински издржан. Наспроти тоа, вистинските параметри за пандемија, како што ги наведува Светската здравствена организација се следните:

Пандемија е состојба кога нов вирус се појавува и се шири во светот, а на него повеќето луѓе немаат имунитет. Овие вируси предизвикуваат инфекции кај пациенти во сите возрасни групи. Пандемијата се разгорува во зимските месеци кога станува збор за респираторни болести.

Главни карактеристики на пандемијата се дека погодува голем број географски подрачја, предизвикана од нов вирус, кој не циркулирал меѓу луѓето долго време, при што тие немаат никаков имунитет против него, што, всушност, во Македонија се покажа во случаите кога луѓе излекувани од коронавирусот, за неколку месеци повторно се инфицираа, односно настана реинфекција, и често пати пандемијата создава општествени превирања, економски загуби и генерално страдање.

Оттука, манипулативно, невистинито и опасно е субјективни реакции базирани на немедицински пристап за тоа како населението реагира на одредена пандемија, да се претставуваат како ,,критериум дали пандемијата е вистинита или не”. Пандемијата со Ковид 19 е и повеќе од реалност.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.