Во пост на Фејсбук паушално се тврди и се доведува во заблуда јавноста дека коронавирусот може лесно да се отстрани од грлото со правење гаргара со солена или закиселена вода. За ова тврдење, кое циркулира низ светот како дел од митовите за коронавирусот, Светската здравствена организација (СЗО) укажа дека е непотврдено, научно недокажано
Објава на социјалната мрежа Фејсбук ја дезинформира јавноста, нудејќи лек против коронавирусот и претставува потенцијална опасност да го загрози здравјето доколку некој поверува во напишаното. Во овој пост, кој содржи и повик да се споделува, а со тоа да се шири понатаму ваквото наводно лекување на болеста предизвикана од коронавирусот, се вели:
Пред да стаса во белите дробови, коронавирусот опстојува во грлото 4 дена.
За тоа време човекот има болка во грлото и кашла
Ако пиете многу вода и го испирате грлото со солена топла вода или закиселена вода, ќе го отстраните вирусот.
Сподели го ова, за да знаат луѓето, бидејќи така можеш да спасиш нечиј живот
Објави со вакви паушални тврдења, со кои фактички се наведува јавноста на мислење дека вирусот може лесно да се отстрани од грлото со правење гаргара со солена или закиселена вода, се појавија уште на почетокот на пандемијата. За овие опасни по здравјето на луѓето дезинформации, тогаш пишуваше тимот на „Критинк“, а американскиот сервис за проверка на факти Snopes.com, дебанкираше ваква објава и ја оцени како лажна.
Тврдењето дека коронавирусот четири дена се задржува во грлото, пред да стаса во белите дробови, научно е непоткрпено. Во брошурата посветена на коронавирусот, објавена на веб-страницата на Министерството за здравство, како симптоми на ова заболување се наведени треската (високата температура), кашлицата и отежнатото дишење. Таму не е посочено колку време точно вирусот се задржува во грлото и кога почнува кашлањето, како што се тврди во постот.
Но, затоа, пак, во брошурата се предупредува дека болеста може да предизвика сериозни компликации кои може да ја нарушат функцијата на органите за дишење, кардиоваскуларниот систем и на бубрезите. Се укажува уште дека таа се појавува од лесна до тешка форма со можен смртен исход.
Факт е дека болеста е нова, се прават анализи и истражувања и науката треба допрва да се произнесе околу развојот на болеста и клиничката слика. Ама, со постови, каде се промовираат вакви „лекови“, може некому само да се наштети со тоа што ќе му се сугерира да се лечи на ваков начин. Па, наместо веднаш да се консултира со лекар и да побара стручна помош (според препораките на здравствените власти), може да изгуби драгоцено време, ризикувајќи состојбата да се искомплицира и болеста да земе замав. И, додека заболениот верува дека вирусот ќе „го избрка“ со пиење многу вода и со испирање на грлото со солена вода и оцет, да биде доцна кога ќе се јави за лекарски преглед.
Токму за тврдењето дека течностите за гаргара може да заштитат од инфицирање со коронавирусот, а кое циркулира низ светот како дел од митовите, Светската здравствена организација (СЗО) укажа дека е непотврдено.
Не. Не постојат докази дека практикувањето гаргара ќе ве заштити од новиот коронавирус.
Некои видови течности за гаргара може да елиминираат одредени микроби што се наоѓаат во плунката во рок од неколку минути. Сепак, тоа не значи дека ќе ве заштитат од 2019-nCoV.
Голем проблем со постот што го рецензираме е што со „лековитиот рецепт“ ги доведува граѓаните во заблуда, замаглувајќи ја сериозноста на вирусот без притоа да се реферира на некој научен труд или на кредибилна здравствена установа.
Ваквиот пристап не само што е неетички и неодговорен, туку според известувањето од Минстистерството за внатрешни работи (МВР) од март оваа година, ширењето на лажни вести за коронавирусот, кои „имаат долгосежни последици и врз општествената состојба, но и врз колективното здравје на граѓаните“, подлежи на законски санкции. На оваа тема има написи на „Вистиномер“ и на „Критинк“.
Така што, ова е уште една во низата дезинформации поврзани со коронавирусот, кои јавноста треба да ги зема со голема резерва, а како единствено меродавни да ги прифаќа мерките на здравствените власти, кои пак, се во согласнот со препораките и советите од СЗО.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.