Како старите електронски дневници во образованието станаа актуелни дезинформации

Без дополнителни информации ставени во контекст, односно пренесени целосно, на ФБ се шират објави што погрешно асоцираат дека Министерството за образование воведува новина во образовниот процес во основно и средно образование, поврзана со електронските дневници и евиденцијата на родителите на учениците

 

Објава на фејсбук-група на македонски јазик наречена „Приказни од булеварот“, без појаснувачки контекст, шири невистина во врска со реформите во образованието. Во објавата се напишани следните две реченици:

Анти човечката сорта на најјако….

Родители! Заштитете си ги децата од малечката невеста и шејтаните ко неа…

#ЛубрикантКоалиција

Под ваквата објава е постирана фотографија, која е скриншот од електронски дневник за учениците во основно и средно образование во земјата и во која фокусот се става на делот со информациите за родителите на учениците. Може да се видат графите Родител 1 и Родител 2 и други елементи околу јазикот на комуникацијата.

Составена вака, објавата предизвикува забуна во јавноста дека станува збор за уште една реформа што се воведува во образованието, а тоа е дека родителите на учениците, наместо означени со татко или мајка, се означени со родител 1 и родител 2.

Всушност, станува збор за друга објава на социјалните мрежи пренесена од најмалку еден медиум, која предизвика и одговор од самата актуелна министерка Мила Царовска.

Имено, оригиналната објава на „Твитер“ и „појаснувањето“ на „Фејсбук“ потекнува од професор Тања Каракамишева од Правниот факултет при УКИМ од Скопје. Оваа објава ја презема „Инфомакс“, кој ја пренесува на својот сајт и на фејсбук-страница на сајтот, при што, тука е направен спинот, дека станува збор за воведување некаква промена во образованието. Имено, од „Инфомакс“, пренесувајќи ја Каракамишева во подрубриката Социјални мрежи на својот сајт, го напишале следниот воведен текст:

Универзитетската професорка Тања Каракамишева на социјалните мрежи остро реагираше на воведувањето на термините родител 1 и родител 2 наместо мајка и татко. Каракамишева и порача на министерката за образование, Мила Царовска, дека не прифаќа ништо друго освен мајка.

На ваквите објави во медиумите и на социјалните мрежи реагира доцна вечерта и министерката Царовска, појаснувајќи дека станува збор за лажна вест проширена од Каракамишева, зашто таквата форма на електронски дневник е стара десетина години.

ВМРО-ДПМНЕ преку своите портали и партиски мегафони како Каракамишева пак се обидува дрско да манипулира со граѓаните. Оваа вест е чиста лага, сликата е извадок од Електронскиот дневник, систем воспоставен во 2010 година! Нема крај на лагите, граѓаните да не наседнуваатпишува Царовска во демантот на Твитер.

Но, сето тоа може да се дознае ако се тргне по трагата на вестите на социјалните мрежи или да се истражуваат официјалните извори. Во постот што го рецензираме авторот се обидел преку еден вид шифрирани пораки, ем да се заштити ем да постигне ефект. Па, така, тој најпрво пишува „античовечка сорта на најјако…“, за потоа преку термините „малечката невеста“ да асоцира дека станува збор за актуелната министерка за образование, а со тоа и дека станува збор за некоја новина што се воведува во образованието. Иако ниту речениците во објавата ниту фотографијата од дневниците не се појаснети, од споделувањата и коментарите станува јасно дека целта е постигната, односно дека инволвираната јавност знае за што станува збор и коментира во таа насока.

Според тоа, може да се даде оценка дека станува збор за објава што создава забуна и дезинформација во јавноста, до која доаѓа, пред сè, затоа што на објавата ѝ недостига контекст, преку кој може да се согледаат сите елементи на информацијата и да се оцени нејзината вистинитост.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.