Фејсбук објава на напис кој тврди дека оние кои нема да се вакцинираат нема да може да живеат нормален живот, доби на големо внимание и активност на социјалната мрежа.
Насловот на текстот е школски пример за „кликбејт“, односно мамец за привлекување кликови и зголемување на читаноста преку манипулација на јавноста и споделување нецелосна информација.
Насловот тврди дека оние кои што ќе одбијат да се вакцинираат ќе добијат низа забрани.
Луѓето кои ќе одбијат да се вакцинираат ќе добијат низа забрани: Без потврда нема да можат да посетуваат ресторани, кафулиња, кино сали…
Вака кога ќе го прочитате насловот на овој текст додека „скролате“ на социјалните мрежи, прво нешто што ќе помислите дека станува збор за Македонија и дека тука ќе се воведат вакви забрани и луѓето нема да може да живеат нормално.
Она што од прва не може да ви стане јасно е дека се работи за Велика Британија, а не за Македонија и дека оваа информација е стара два месеци.
Ваква изјава има дадено британскиот министер за распоредување на вакцини против ковид-19, Надим Захави. Тој ова го има изјавено пред два месеци, во ноември. Но, тој не вели дека државата ќе го воведе ова и дека дефинитивно ќе се случи, туку дека е можно одредени бизниси како пабови и ресторани да бараат доказ за вакцинација пред да дозволат влез. Ова не е до крај објаснето во текстот од кој може да се сфати дека државата ќе воведува забрани и ограничувања.
Вака споделен текстот, без вистинско објаснување, ги измамува читателите да донесат погрешен заклучок. Доказ за тоа се над 100 коментари под објавата, од кои јасно се гледа дека оние кои што го виделе текстот помислиле дека станува збор за забрани кои што ќе се применуваат во Македонија кога тоа апсолутно не е точно. Тоа без потребно предизвикува гнев кај публиката, па голем процент од коментарите содржат навреди и говор на омраза.
Сето ова се прави за да се постигне што е можна поголема читаност на сајтот без притоа да се обрне внимание како може објавата да биде сфатена и што таа ќе предизвика.