Неверојатна теорија на заговор одекна од Плоштадот Македонија во Скопје

Видеото  претставува општа какофонија од различни конспирациски теории, изнесени без докази, сериозни обвинувања кои имаат за цел да ја разнишаат довербата на граѓаните во вакцините, пандемијата, во начинот на кој се справува човештвото со ковид кризата, сето тоа зачинето со тези и идеи за лекување на леукемија за две ипол минути, нешто што е медицински невозможно

 

Рецензираме вирално видео, споделено 700 пати, прегледано 30.000 пати, а во кое говорникот кој се претставува како ,,дигитален војник на Трамп” и поранешен војник на АРМ, со Фејсбук профил Мајк Тајсон, изнесува скандалозни конспирациски тврдења и невистини, опасни за јавното здравје додека е сниман во живо од Плоштадот Македонија во Скопје. Видеото трае 15 минути и во овој временски период говорникот зборува на повеќе измешани теми, но сите ги доведува во корелација со, како што тврди, лажната ковид пандемија, организирана, според него, од страна на сатанистите и длабоката држава, групација за која што вели дека се состои од „13 семејства во Ватикан, влада во сенка која ги контролира сите други светски влади, а чија цел е масовна депопулизација на планетата!

Невистините ќе ги наведеме таксативно:

Ви презентирам план за спас од лажната ковид пандемија. Маските кои ги носите се дел од план за депопулација на човештвото. Тоа што го издишувате повторно го вдишувате. Ве замолувам да ги симнете маските зашто ова е план за депопулација.  Повеќе ќе ви наштетат отколку што ќе ве оздрават. Намерата е од токсините да ги инфицирате вашите бели дробови, па да ве пријават во болница за ковид позитивен каде се врши трговија со органи. Маската не штити од никаков вирус.Таа е обична крпа во која после пет минути дишење се создаваат токсини во неа кои повторно ги вдишувате и се инфицирате. Тоа е нивниот план за да ви ги проверат органите каков тип имате, кога ќе дојдете во болница, да ве стават на апарат за дишење и да го решат вашиот живот.

Но, дали е навистина така?

Американската Мајо клиника тврди дека маските во комбинација со други заштитини мерки штити од ширење на коронавирусот. Американскиот Центар за контрола и превенција од болести, исто така, тврди дека носењето маска се препорачува за да се превенира трансмисијата на Сарс Ков 2. Како што наведуваат оттаму, функцијата на маската е да ја редуцира емисијата на вирусни капки, кои се пренесуваат од асимптоматски или предсимптоматски носители на вирусот, какви што се повеќе од половината трансмисии. И оној кој ја носи маската на ваков начин се штити од инхалирање на капките. Клиниката Кливленд го нарекува тврдењето дека маските не штитат од коронавирусот мит. Тоа го докажува со научни студии во кои е покажано дека маските го намалуваат бројот на микроорганизми коишто некој ги емитува во воздухот. Колку повеќе луѓе носат маска во одреден простор, помал е ризикот за заразните капки да се најдат во воздухот.

Пулмологот доктор Мајкл Пеил вели дека јаглерод диоксидот ќе помине низ маската, луѓето вдишуваат чист воздух така што нема можност јаглерод диоксидот да се наталожи на неприроден начин. Јаглерод диоксидот нема да се залепи за маската, така што не може да биде повторно вдишан на ниеден начин. Едноставно, не функционира на тој начин.

Што се однесува на скандалозните обвинувања за проверка на органи во ковид-центри, тоа е класична измислица, која што создава масовна недоверба во здравствениот систем. Досега во Македонија се изведени само 13 обдукции на лица кои починале од ковид-19 и тоа бидејќи имало индикација за судско вештачење. Сите други луѓе се третирани во болниците и потоа пуштени дома оздравени, а ако починале се закопуваат од страна на семејствата по протокол. Откако споменува дека органите се наводно проверувани, говорникот не кажува зошто се врши оваа наводна проверка, така нафрлајќи непотполна информација. Ставањето на апарати за дишење се прави кога оксигенацијата во организмот ќе падне на многу ниско ниво за да се одржи организмот во живот и тоа е единствената цел. Ставањето на апарати за дишење не е план, туку акција што се презема кога нема други изгледи за лекување! Има и луѓе кои  преживеале откако биле ставени на респиратор во Македонија!

Шести  јануари 2021 година ќе биде запаметен како победа над човештвото над окупацијата која трае илјадници години. Таа екипа која ја држи целата планета под окупација се вика сатанизам. Неколку илјади години во минатото, сите деца кои ги снема од нашата планета беа украдени од нив. Секоја година 8 милиони деца беа украдени за нивни потреби. Преку социјалните служби се врши крадење на деца. Оваа влада и сите влади во светот ќе паднат ќе бидат повлечени. Десет милиони луѓе ќе дојдат во Вашингтон да докажат дека се работи за план за депопулација на човештвото и дека има лажна ковид пандемија.

Прво да видиме што се случи на 6 јануари 2021 година и дали овој ден по нешто ќе биде запаметен како што тврди говорникот во видеото.

Точно е дека на овој ден најавен беше најавен протест за наводен изборен фалсификат каде наводен оштетен е Трамп. 

Во протестот и насилен упад во Конгресот на 6 јануари 2021 година спроведен од поддржувачи на четириесет и петтиот претседател на САД, Доналд Трамп, починаа пет лица. Протестот доведе до затворање на Капитолот и евакуација, а неговата цел беше да се одбегне изборниот пораз на изборите во САД.

За мешањето баби и жаби, односно поврзувањето на конспирациски теории за наводно крадење деца, чија крв потоа се пие за подмладување од страна на сатанистите, сето тоа во режија на некаква си елита во сенка која го контролира светот и сите светски влади, а против која се зафатил да се бори Доналд Трамп, познато е дека не е потекнува од Македонија. Уште минатата година во Лондон на Трафалгар Сквер организиран беше протест од движењето Кју, настанато на интернет, кое што ги изнесува истите непоткрепени тврдења како и Мајк Тајсон. Точно е дека годишно 8 милиони деца во светот исчезнуваат. Но, тоа да се поврзува со сатанистички светски заговор чија крајна цел е крвта на децата да се пие како еликсир на младоста едноставно нема поткрепа. Не постојат докази за ваквото тврдење. Историчарите нудат свое објаснување зошто се користат тезите на Кју.
Историчарот Норман Кон вели дека користењето на фантазијата за ноќни ритуали е корисна за политичарите. Се користела од Римјаните против раните христијани, од христијаните против Евреите, од христијаните против вештиците, од Католиците против раните христијани, од католиците против еретиците.
Станува збор за сет од обвинувања против социјална група дека таа е вклучена во перверзни ритуалистички акции кои целат кон невините и дека таа група мора да се сруши, вели Кон.
Говорникот го споменува терминот „Кју движењето“, кое особено најде свои поддржувачи во светот откако се прошири пандемијата со коронавирусот. Тие тврдат дека вирусот не постои и дека не е смртоносен, дека е план разработуван за депопулација на човештвото. Не е точно дека вирусот не постои и дека не е смртоносен.
Досега од коронавирусот во светот починаа над 2.1 милиони луѓе. 
Дека вирусот постои, доказ е и фактот што е изолиран и тоа е основа за производството на вакцините.
Тврдењето дека Владата во Македонија е дојдена на власт со фалсификувани избори не е точно. 
Најавите за масовни апсења на сите влади на планетата кои работат за наводната длабока држава не се остварени.

Ова е ковид измама за депопулација на човештвото преку присилна вакцинација во која има чипови, преку 5Г антени кои се поставени во време на карантин, за масовна контрола на секој човек. Тоа е план на третата светска војна целосна контрола на човекот. Од оваа година почнува златната доба на човештвото. Ќе бидат пуштени  во јавноста 6 илјади патенти од Никола Тесла кои биле криени досега од нас. Веќе нема да купувате апчиња во аптека и да ги трошиме нашите пари за лекови направени од нафтени деривати, кои колку што се добри толку се лоши за нас. Во некои држави во Америка се пуштени медицински кревети за бесплатно лечење. Новиот принцип на лечење се медицински кревети со фреквенции и бранови. Сите ќе бидете излечени кои имате рак и леукемија. Леукемијата се дијагностицира за 4 минути и се лечи за 2 и пол минути. Фреквенцијата на ракот е од 100 илјади до 300 илјади херци. На тој фреквентен опсег ќе бидете озрачени во медицинскиот кревет и ќе бидат погодени само клетките кои создаваат рак и ќе ви се продолжи животот. Тоа намерно досега не ви беше дозволено од длабока држава.

А сега фактите: вакцинацијата е доброволна. 
Никој никого не присилува да се вакцинира. За тоа дека во вакцините нема чипови и дека навечер не се поставувани 5Г антени, веќе е пишувано на „Вистиномер“ и може да се  прочита овде. 
За тврдењето дека леукемијата може да се дијагностицира за 4 минути и да се излекува за 2 и пол минути, стручните лица кои ги контактираше „Вистиномер“ тврдат дека е вистинска глупост. Освен тоа, неетички е да им се дава лажна надеж на пациентите со тешки заболувања како канцер и леукемија, што се прави во постот што го рецензираме. Освен тоа, и сега ракот се третира со радијација.
Тоа е најголемата глупост што сум ја слушнал додека сум лекар. За дијагностицирање не е проблем, се зема крв и ќе се види на микроскоп и ќе се постави сомневање за леукемија, ама за третман на леукемија нема уште такво магично стапче никој измислено да се излечи за 2 и пол минути. Лекувањето трае од 3 до 6 месеци минимум, па се прави трансплантација на коскена срцевина, изјави за „Вистиномер“ доктор Газменд Амзаи, доктор на медицински науки и доцент хематолог од Клиниката за хематологија.
Лицето со профил Мајк Тајсон продолжува понатаму:

Останете смирени нема да има никаква вакцинација. Вакцините се повлечени. На производителите им се разрушени објектите. Не дозволувајте ковид тестови сето тоа е план за масовна депопулација.

Наспроти изнесените тврдења во видеото вакцинацијата ширум светот наголемо почна. Ковид тестовите имаат единствена цел да детектираат коронавирус во организмот.Во говорот на самопрогласениот дигитален војник, не се објаснува детално како со тестирање ќе се доведе до наводното масовно депопулизирање на планетата.

Многу претседатели кои работат за длабока држава се заменети со нивни двојници кои работат за Трамп за да се направи велико будење на човештвото. Овие земјотреси кои се случија во изминатите месеци беа детонирање на подземни бункери за пренос на оружје деца.

Конспирациите дека претседателите се клонирани веќе се демантирани од страна на некои лидери на земји. Така претседателот на Нигерија во 2018 година беше доведен до непријатната ситуација да се правда дека не е клон, откако низа конспирациски теории го преплавија интернетот, тврдејќи го токму тоа.
Сепак, не постојат никакви докази дека претседателите на земјите се клонови.
Видеото што го рецензираме претставува општа какофонија од различни конспирациски теории, изнесени без докази, сериозни обвинувања кои имаат за цел да ја разнишаат довербата на граѓаните во вакцините, пандемијата, во начинот на кој се справува човештвото со ковид кризата, сето тоа зачинето со тези и идеи за лекување на леукемија за две ипол минути, нешто што е медицински невозможно.
Па, имајќи ја предвид целата оваа аргументација видеото го оценуваме како невистинито.