Кој го „избриша“ АСНОМ?

 

[Рецензија: Дескоска потврди, АСНОМ се брише]

 

Во наелектризиран политички амбиент во кој се случува процесот на имплементацијата на Преспанскиот договор со подготовките на уставни измени, во дел од медиумите осамна веста дека министерката за правда, Рената Десковска, најавила исфрлање на АСНОМ од Преамбулата на Уставот на Република Македонија, а еден од тие написи е предмет на оваа рецензија. Ова, разбирливо, предизвика бурни реакции на веќе сензибилизираната јавност и набргу беше решително демантирано од Министерството за правда, но написот што го рецензираме не беше корегиран, ниту, пак, демантот беше објавен.

Линк до оригиналниот напис: Дескоска потврди, АСНОМ се брише!

Датум и време на објавување: 1.11.2018

Датум на рецензирање: 7.11.2018

Рецензент: Југослава Дуковска 

Во делот на Преамбулата, она што јас сум информирана дека бил тек на разговори со Грција, е практично конкретизирање на актите на АСНОМ, односно да не се подразбира Манифестот што значи повикување на национална борба во соседни држави и од тој аспект, беше воведувањето на македонскот народ за одлуките на АСНОМ – рече министерката.

Овој извадок од изјавата на министерката Дескоска, кој е дел од написот што го рецензираме, во голема мерка наликува на изјавата што министерката навистина им ја даде на медиумите на прес-конференцијата на маргините на Конференцијата за реформи во судството што се одржа во Охрид. Но, токму тој мал дел што недостига помогна во овој напис да се протне тезата за бришењето на АСНОМ од Преамбулата на македонскиот Устав. Доколку се слушне тонскиот запис од изјавата на Дескоска, може да се забележи дека во цитатот на написот што го рецензираме фалат зборовите „..Прогласот до…“ , односно, таа, всушност, гласи:

Во делот на Преамбулата, она што јас сум информирана дека бил тек на разговори со Грција, е практично конкретизирање на актите на АСНОМ, односно да не се подразбира Манифестот, кој значи повикување на национална борба во соседни држави и од тој аспект беше воведувањето на Прогласот до македонскиот народ за одлуките на АСНОМ.

Ова значи дека министерката за правда прецизно појаснила оти во Преамбулата на Уставот е предложено да се направи измена со која нема да се стави акцент на Манифестот на АСНОМ, туку на Прогласот до македонскиот народ за одлуките на АСНОМ. И Манифестот и Прогласот се документи што се донесени на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, и измената што се предлага по ниедна основа не може да се смета за измена со која се брише АСНОМ од Преамбулата на Уставот.

И додека двата испуштени збора можеби и би можеле да се протолкуваат како lapsus calami (грешка во пишување – лат.), толкувањето на изјавата на Дескоска како „признание дека од Уставот се брише АСНОМ“ речито говори за тоа дека нејзината изјава намерно е протолкувана како најава за бришење на едниот од најважните столбови на македонскиот национален идентитет, односно еден од клучните елементи на историскиот континуитет на македонската државност, иако таа не го кажалатоа .

Еве како тоа го објасни премиерот Зоран Заев, образложувајќи ги нацрт-амандманите за измените на Уставот, кои, откако Владата ги усвои, влегoa во собраниска процедура:

Во Преамбулата зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „прогласот на АСНОМ“ и се додава Охридски рамковен договор, кој со тоа, рече Заев, ќе биде конститутивен елемент на државата. Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот, само тука се додава формулацијата Охридски рамковен договор, изјави премиерот.

И, додека сè уште е во тек јавната дебата во македонското општество за оправданоста на уставните измени, како и за нивниот обем и содржина, ваквите злонамерни толкувања дополнително ја напрегнуваат затегнатата атмосфера, создавајќи амбиент на незадоволство, како и несогласување со имплементацијата на договорот со соседна Грција.