Кој високо лета, ниско паѓа

 

[Рецензија: Еве зошто прскањето против комарци е неуспешно, Шилегов најмил авиони што поставувале само мамки за вакцинирање лисици]

 

Хаотичен и на моменти хумористичен текст во кој без факти категорички се тврди „дека прскањето против комарци е неуспешно и дека за таа намена Шилегов најмил авиони кои поставувале само мамки за вакцинирње лисици“.

 

Линк до ориганалниот напис: Еве зошто прскањето против комарци е неуспешно, Шилегов најмил авиони што поставувале само мамки за вакцинирање лисици

Датум и време на објавување: 17.8.2018

Датум на рецензирање: 17.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Авторот си го преценил своето познавање за авијација, па си зел слобода „стручно“ да ги оценува перформансите на авионите со кои се вршело запрашување против комарците, не објаснувајќи за кој тип авиони се работи. За да го дисквалификува скопскиот градоначелник Петре Шилегов, повикувајќи се на некакви анонимни извори, непотпишаниот автор објаснува дека:

Оваа година запрашувањето го вршела друга фирма од Скопје, прв пат досега која претходно фрлала само мамци во кои имало вакцини за лисици низ планините во Република Македонија за што и се обучени, додека фирмата „Бониер“, која порано вршела прскање против комарци била обучена за таа намена.

Кулминација на импровизации се перформансите што ги дава за авионите „на друга фирма“: „Затоа мора да летаат брзо, а кога тоа го прават мора да летаат и повисоко за да не се судрат во некој од објектите“. Односно, сака да објасни дека требало да бидат авиони кои ќе летаат побавно и пониско за да можат да летаат меѓу зградите, бидејќи „кога авионите летаат високо, средството против комарци испуштено од поголема висина нема никаков или многу мал ефект“. Значи ако летаат побавно, можат да летаат и меѓу згради? За што говориме овде? За авиони што прскаат против комарци или за авиони што прават акробации во воздухот како на аеромитинг?

Да појасниме. Нема компанија специјализирана само „за прскање против комарци“. Стопанската авијација е оспособена да врши секаков вид запрашување – од комарци до третирање земјоделски површини со хербициди и вештачки ѓубрива, вклучително и испуштање мамки за лисици, во кои е инјектирана вакцина против беснило. Малку да се проверело на интернет или да се прашало во Град Скопје, можело да се дојде до точна информација која е „другата фирма“ и колку е референтна за оваа работа и како го добила тендерот за оваа намена. На исто место можело да се прочитаат и перформансите за типот на авиони со кои е прскано. И да се направи споредба со флотата на авионите на фирмата „Бониер“. Читателите се изманипулирани, а текстот е како од алманах за мали деца.