[Рецензија: ФОТО: Аделина Тахири како светска ѕвезда – направи забава за бебето за паметење]
Кратките вести во новинарството се третираат, веројатно, како најценетите камчиња во скапоцената круна на професијата. Но, само во случај кога информираат во целост, кратко, јасно и брзо. Во овој случај имаме вест што и не е вест, „вест“ што нема одговор на најмалку четири од петте задолжителни прашања: кој, каде, кога, како, зошто…
Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Аделина Тахири како светска ѕвезда – направи забава за бебето за паметење
Датум и време на објавување: 20.8.2018
Датум на рецензирање: 20.8.2018
Рецензент: Стојан Синадинов
Фотовеста, на што алудира објавата на порталот во овој пример, дури нема ниту вистинска фотографија, како што пледира во насловот.
Целата вест се состои од една единствена реченица, со извор од фејсбук-профилот на познатата манекенка и фотомодел, но ниту неа ќе ја препознаете на фотографијата ниту ќе го видите „светскиот терк“ на забавата за бебето на Аделина Тахири. Фотовеста не ни доловува ништо од атмосферата, освен две-три чинии со колачиња или што и да е од послужувањето, а дури има и грешка во името на манекенката (напишано со мала буква).
За да ја сфатите веста во целост, ќе треба да пребарате и по другите портали. Но, не секогаш ќе имате среќа да го комплетирате основниот мозаик на информацијата.
На друг портал ќе добиете малку повеќе информации, со уште побомбастични термини, стандардни за профилот на македонската естрада (или тоа што се подразбира под овој термин). Но, и тука „жанровската“ одредница на овој тип забава – baby shower, прослава во чест на бебето што штотуку треба да се роди – е погрешно транскрибиран како „бејби шаур“, што ве доведува во заблуда за што точно се работи. Згора на тоа, ниту објаснува зошто овој тип прослави се викаат токму така – нероденото бебе добива многувподароци, како „туширање со вода“ – ниту го погодил името наменето за идното бебе: наместо Јон, го „крстиле“ Џон.
Од друга страна, пак, претходниве две вести го немаат вториот „подмет“, сопругот и таткото, кој секако е неизоставен дел, не само од прославата, туку и во животот на Аделина Тахири-Марков. Па така, дури со натамошно пребарување ќе дојдете до портал што ги има сите елементи што ја сочинуваат веста.
Таа вест има и „дополнителна вредност“, бидејќи и машката страна на прославата има интересен политички бекграунд, не е само Аделина Тахири, ѕвездата во оваа врска.
Популарната поп-пејачка Аделина Тахири и нејзиниот сопруг, адвокатот Серјожа Марков, познат во јавноста како ексадвокатот на Сашо Мијалков, и брат на Маја, сопругата на Иво Котевски, со голема забава го најавиле раѓањето на своето прво дете, син, кое треба да се случи набргу.
Порталот потсетува на кратката историја на нивната врска:
Аделина и Серјожа се свршија лани, во декември, по една година врска. Таа е позната во земјава како македонска Бијонсе, која има многу следбеници на социјалните мрежи, каде што често објавува фотографии кои изобилуваат од луксуз.
Марков, пак, во 2013 година е избран за почесен конзул на Република Молдавија во Република Македонија. Бракот со популарната пејачка му е втор, и лани ја запросил на романтичен начин во Виена, Австрија.
За да ја имате веста комплетна, еве го и овој цитат, кој ја објаснува суштината на овој вид прослави:
Забавите што се организираат пред раѓањето на бебето во светот се познати како Baby shower и се честа практика на западот. На нив се слави очекувањето на раѓањето и трансформацијата на жената во мајка. Гостите носат подароци за нероденото бебе.
Кај нас повеќе се практикува повојницата, односно по раѓањето на бебето се оди на посета и се носи подарок за него.
Сега работите се појасни…