[Рецензија: Директорот на Македонија пат Беким Мехмеди бесрамно крадел од државата и рекетирал бизнисмени?!]
Предмет на оваа рецензија е серијалот написи во кои без докази, се обвинува јавен функционер за криминал. Кога нема докази, тоа е клеветење. Во спротивно, секој за секого би можел да изнесе обвинувања без воопшто да ги поткрепи. Овие написи не се потпираат на аргументи, тие натежнуваат од шпекулации, а дел од наводите се и непроверливи. Изнесени се куп навреди за функционерот, за неговиот физички изглед, се користи недоличен и вулгарен речник. Објавите се без формат на новинарски текст, ниту пак, имаат вовед, разработка и крај.
Линк до оригиналниот напис: Директорот на Македонија пат Беким Мехмеди бесрамно крадел од државата и рекетирал бизнисмени?!
Датум и време на објавување: 15.04.2020
Датум на рецензија:17.04.2020
Рецензент: Мирослава Бурнс
Текстот воопшто не е базиран на новинарските принципи кои вклучуваат земање изјави, објавување пишани докази, како на пример, имотни листови, контактирање на институции и сето она што е новинарско задолжение. Наспроти тие принципи, овде се клевети, наведена е листа на шпекулативни, непрецизни недвижнини и тие му се накалемуваат на директорот на „Македонија пат“ како сопственост и наводен криминал, а притоа се споменуваат личности и се изнесуваат семејни прилики. Без да навлегуваме во мотивите за ваквата објава, ќе споменеме само дека постои законска процедура и постапка за откривање на евентуално нелегално стекнат имот.
Понатаму, во написот се тврди дека некои фирми наводно не можеле да си ги наплатат побарувањата, ама и за ова не се понудени докази. Не се кажува кои се фирмите, а нема ниту изјави од раководните лица. Едноставно текстот е штур со факти, а богат со обвинувања.
Во написот, исто така, е даден линк кој води до друга објава ( од претходниот ден – 14.04.2020) полна со обвинувања со кои му се наштетува на честа и угледот на споменатиот функционер и на неговото семејството. Но, нападите врз директорот на „Македонија пат“ продолжуваат и наредниот ден (16.04.2020), во текст кој воопшто не е ни напишан со кирилично писмо, нема ни интерпукциски знаци. Во него е пласирано писмо од наводен вработен, во кое се обвинува директорот за мито, корупција, наместени тендери, арно ама и за ова нема докази.
Не е контактирана ниедна институција за тоа дали против функционерот навистина се води истрага, не е побаран имотен лист, не е прашана Државна комисија за спречување на корупцијата. За ваквите наводи и обвинувања нема материјални, пишани докази, документи или изјави од наводни оштетени.
Никој не смее да клевети, да бара одговорност и да доведува во прашање нечиј углед и приватност, без основани и цврсти докази, големо истражување, стабилни извори кои ќе бидат подготвени да стојат зад кажаното. Во спротивно изнесените наводи немаат кредибилност.