[Рецензија: ГЕРМАНСКИ ДОКТОР: КОРОНА-ПАНИКАТА Е ПЛОД НА МАФИЈАШКА ИЗМАМА (ВИДЕО)]
Сензационалистички текст во кој се тврди дека германски доктори сметаат оти паниката околу корона-вирусот е исценирана и плод на мафијашка измама.
Веста е нецелосна и манипулирачка. Прво нема никакво објаснување кои се овие доктори. Дали се стручни и меродавни да тврдат вакво нешто. Потоа не се наведени никакви докази за нивните тврдења и дали имаат каква било основа да излезат на прес-конференција и да го кажат ова.
Линк до оригиналниот напис: ГЕРМАНСКИ ДОКТОР: КОРОНА-ПАНИКАТА Е ПЛОД НА МАФИЈАШКА ИЗМАМА (ВИДЕО)
Датум и време на објавување: 3.6.2020
Датум на рецензија: 7.6.2020
Рецензент: Симона Атанасова
Во насловот се потенцира дека во текстот е вметнато и видео, па може да си помислите дека внатре во написот ќе погледнете видео во кое има доказ дека насловот е точен. Но, видеото е прес-конференција на која овие доктори зборуваат нешто. На германски јазик. Можеби го кажуваат тоа што го тврди текстот, а можеби и не. Тоа може да го знаат само оние што знаат германски јазик. Дури и на прес-конференцијата докторите навистина да го кажуваат тоа што се тврди во текстот, сепак, тоа не го прави тврдењето точно.
Секој може да излезе на прес-конференција и да каже нешто. Слободата на говор не е забранета. Но, медиумите треба да внимаваат и да одлучат што е тоа што е вредно, точно и проверено и дали ќе ѝ го пренесат на јавноста.
Очигледно е дека веста, без многу размислување е преземена од српските медиуми и неколку наши портали ја пренеле од збор до збор, со сензационалистички пристап во насловите, како „шокантно“ и „запрепастувачки“, на кои ќе се налепат зголемен број кликови. Без притоа да се потрудат да проверат дали тоа што го објавуваат има некаква врска со реалноста.
Прашање е и зошто сега се објавува ваков текст, кога прес-конференцијата била одржана пред еден месец, на 7 мај?
Не може сè што некому ќе му текне да добие медиумско внимание и притоа да се дезинформира јавноста. А, особено во оваа ситуација со корона-вирусот, вакви тврдења што се пренесуваат во медиумите може да имаат опасни последици.
Што ако некој што го прочитал текстот, на овој портал или на другите што го пренесоа, поверува во напишаното? Каква порака носи овој текст? Дека корона-вирусот не постои? Дека не е опасен? Дека е како грип? Дека луѓето не треба да бидат загрижени и внимателни во своите постапки? Колкумина од тие што ќе го прочитаат ќе се однесуваат неодговорно и ќе придонесат во ширењето на вирусот и во нечие можно предизвикување тешки, па дури и фатални последици од вирусот? Секако тоа никој не може да го знае и да го измери. Но, затоа голема е одговорноста кај медиумите во проверување на фактите и написите пред да ги објават и да предизвикаат поголема штета од корист.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.