Нема позитивни епидемиолози на коронавирусот во Институтот за јавно здравје

[Рецензија: Двајца епидемиолози од Институт за јавно здравје позитивни на Ковид-19 ]

Текстот што го рецензираме уште во насловот дезинформира дека: „двајца епидемиолози од Институтот за јавно здравје се позитивни на корона-вирусот“. Од Институтот за јавно здравје ги демантираа ваквите тврдења.

Линк до оригиналниот напис:Двајца епидемиолози од Институт за јавно здравје позитивни на Ковид 19

Датум и време на објавување: 6.6.2020

Датум на рецензија: 7.6.2020

Рецензент: Силвана Жежова

 

Текстот изнесува непроверени информации за наводно заболени епидемиолози, што е непрофесионално, а дополнително ја компромитира и работата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) чиишто вработени ги вршат епидемиолошките анкети. ИЈЗ ја има една од најважните улоги за справување со корона-вирусот и секоја изнесена невистина во врска со работењето, особено во услови на зголемен број заболени, може да предизвика паника кај граѓаните.

Двајца епидемилози што работат во Институтот за јавно здравје се позитивни на Ковид 19, неофицијално дознава Скопје Инфо. Неофицијално, заразата кај овие две лица сериозно ќе се одрази на понатамошната работа на институтот за јавно здравје со оглед на тоа дека вкупниот број на епидемиолози кои работат во оваа институција е пет. 

Институтот за јавно здравје ги демантира овие информации и соопшти дека ниту еден од вработените не е позитивен на Ковид-19.

Епидемиолошките екипи и натаму ја извршуваат својата работа како и во изминатите два месеца,  Ова е официјална информација од Инстутот за јавно здравје потврдена од директотот на институцијата Шабан Мемети и јавноста треба да биде информирана. Официјалните информации за состојбата со Ковид-19  се објавуваат на интернет-страницата на Институт за јавно здравје и на страницата на Министерство за здравство, се вели во ДЕМАНТОТ на Институт за јавно здравје.

Во текстот понатаму се тврди дека намалениот број епидемиолози ќе се одрази врз работата на ИЈЗ и оти ќе биде намален бројот на тестирани, што, исто така, е шпекулација. Информацијата за којашто медиумот „неофицијално дознава“, пред да биде објавена, требало да биде проверена во институцијата за која се пишува, во случајот – Институтот за јавно здравје.

Со изнесување непроверени и шпекулативни информации се прекршува првиот член од Кодексот на новинари.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, се вели во првиот член од Кодексот на новинари.

Во борбата со корона-вирусот една од најважните улоги на медиумите е да пласираат точни и проверени информации, наспроти оние што може да предизвикаат паника кај граѓаните. Надлежните институции и новинарските здруженија постојано апелираат до медиумите да се повикуваат на официјални информации што ги даваат Министерство за здравство и Институт за јавно здравје, бидејќи ширењето шпекулации и дезинформации не е од јавен интерес, особено во услови на пандемија.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.