Кога информацијата не се проверува, лесно станува лажна

[Рецензија: ЕВЕ ЗОШТО ДУИ НЕ ГО САКА НОВИОТ ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ ЕРОЛД МУСЛИУ]

 

Овој текст содржи непроверена информација, која доколку се провери, ќе се види дека е лажна.

Линк до оригиналниот напис: ЕВЕ ЗОШТО ДУИ НЕ ГО САКА НОВИОТ ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ ЕРОЛД МУСЛИУ

Датум и време на објавување: 23.5.2019

Датум на рецензирање: 24.5.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Написот што е предмет на оваа рецензија содржи вест дека претседателот Стево Пендаровски, кој на изборите беше поддржан од СДСМ и владиниот партнер, со назначувањето на новиот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу ѝ удрил шлаканица на ДУИ.

ДУИ била против Муслиу, бидејќи тој „стои зад објавувањето на досиејата „Ибар“, „Мама“, „Вујко“ и „Стрелец“, кои се однесуваат на високи функционери на ДУИ во 2010 година“, меѓу кои е и лидерот Али Ахмети.

Притоа написот се повикува на високи извори од ДУИ.

Високи извори во ДУИ за АЛСАТ М изјавиле дека со сите сили ќе се спротивстават на евентуалната намера на претседателот за на чело на Агенцијата за разузнавање да го постави Еролд Муслиу. Според нив, таму треба да биде назначен некој со кредибилитет, а не некој кој учествувал во фалсификување на досијеа или производство на фалсификувани документи“, стоеше во реакцијата на ДУИ од 2011 година, кога претседателот Ѓорѓе Иванов сакаше да го именува за директор на Агенцијата за разузнавање.

Подолу написот објаснува која е причината за „анимозитетот на ДУИ кон професионалниот разузнувач Еролд Муслиу“.

Во 2010 година одекна голем скандал откако во јавноста се појавија досиеја на УДБА водени под кодни имиња за првите луѓе на ДУИ како наводни соработници на тогашните југословенски тајни служби. Така досиејата за Муса Џафери (Мама), Фазли Велиу (Вујко) и Али Ахмети (Ибар) силно ја разнишаа тогашната владина коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Особено досието „Ибар“ тогаш силно ја растревожи ДУИ, каде што се наведува дека УДБА, Југословенската тајна полиција, како соработник го регистрирала и регрутирала Али Ахмети, подоцна водач на ОНА за време на воениот конфликт во Македонија, под скриен идентитет Александар Антиќ.

Неофицијално, главен виновник за појавувањето на документите во јавноста за наводното досие на Али Ахмети како соработник на УДБА под името Александар Антиќ, бил токму Еролд Муслиу.

И тука е грешката во написот. Информацијата не е проверена како што треба, преземена е „на слепо“ и е пласирана во јавноста. Но, веста е лажна.

Муслиу, кој се товари дека е фалсификаторот што ДУИ не го сака, не е Еролд Муслиу, туку Хисен Муслиу. Имајќи предвид дека презимето на овие две лица е исто, написот поведен од тоа, прави лажна вест и со тоа директно влијае врз кредибилитетот на новиот директор на Агенцијата за разузнавање.

Доколку се провери на „Гугл“, може да се види дека Хисен Муслиу е поранешен началник во УБК, кој беше уапсен во ноември 2010 година, кога во неговиот дом полицијата ги најде во електронска форма досиејата „Ибар“, „Мама“, „Вујко“ и „Стрелец“, наводно досиеја за високи функционери на ДУИ.

Веста за Хисен Муслиу тогаш ја пренесоа и медиумите.

Овој напис е типичен пример за тоа како непроверените информации лесно можат да преминат во лажни информации. Кодексот за новинари јасно пропишува дека секоја информација до која ќе дојде новинарот мора да се провери од што е можно повеќе страни за да се провери нејзината веродостојност.