Текстови преполни со коментари, субјективни оценки, понижувања и клевети, но камуфлирани како вести, често може да се најдат во медиумите. Тие не се вести, бидејќи не зборуваат со јазикот на фактите. Честопати, од таргетот воопшто не е побарано да даде свое мислење, а случувањата се толкуваат на начин што е најпогоден за авторот.
Линк до оригиналниот напис: Зошто Блерим Река им го „опна“ на Села и Касами?
Датум и време на објавување: 3.5.2019, 00:06
Датум на рецензија: 12.5.2019
Рецензент: Фатлуме Дервиши
Тргнувајќи од самиот наслов, може да се види тенденцијата на авторот да го дискредитира ликот на претседателскиот кандидат во првиот круг на последните претседателски избори, Блерим Река. Некои од најнесоодветните изрази што се употребени се:
- …Река им сврте грб или, како што вели народот, им го „опна“ на Села и Касами…
- …Блерим Река бил неблагодарник и кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети…
Ова се коментарите на авторот, но употребените зборови не треба да бидат дел од новинарскиот вокабулар. Дискредитацијата продолжува и со носење заклучоци од страна на авторот, без да се обиде првично да ги потврди или барем да обезбеди повеќе информации. За повеќето од овие заклучоци, авторот требало барем да го исконтактира Река за да добие појаснувања од него.
„Околу 80.000 гласа, за само три недели во политиката“. Ова беше неговата игнорирачка порака за 80 илјади албански гласачи на АА и БЕСА, бидејќи, според Река, тој ги собрал овие гласови за само 3 недели во политиката, негирајќи ја поддршката на Села и Касами.
Сѐ уште е непознато дали Река по изборите ќе биде назначен за амбасадор во НАТО или ќе биде советник на Пендаровски или ќе добие друга функција блиска со премиерот или идниот претседател – се вели во текстот.
Селективни информации
Авторот го пренел апелот на Река до граѓаните да излезат на гласање, но тоа го обвиткал со лични коментари. Но, тој во текстот не кажува дека двајцата лидери, Села и Касами, претходно се сретнале со Река и притоа изјавиле дека нивните ставови се координирани.
Техники за манипулација
За Блерим Река, авторот ја употребил техниката на „личен напад“ опишувајќи го со коментари и навредувачки зборови за неговата личност. Авторот претпоставува дека Река им го „опна“ на Села и Касами, исто како што претходно бил „неблагодарник“ кон Ахмети. Тоа ги потврди предрасудите на авторот. Користените факти се селективни, при што се занемарени голем дел од нив.
-
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.
-
Известувањето од политичките процеси, особено од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.
-
Новинарот мора да ги негува културата на говорот и етиката. Неспојливо со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.
За читателите:
Селективните факти и пристрасноста се рак на објективното информирање. Од друга страна, коментарите треба да се сервираат само како коментари, а не камуфлирани како вести. Без да се наведе ставот на сите споменати страни, без да се опишат двете страни на медалот на објективен начин, кој било текст не може да се смета дека е направен врз основа на професионалните стандарди.